InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Приватните трговски марки ги освојуваат пазарите, генетските технологии предизвикуваат дебати во ЕУ, додека сајбер-нападите го нарушуваат безбедносниот интегритет на големите британски трговци...
Извор: ПЛМА
„Џамбо“ ја пополнува празнината меѓу трговските и А-брендовите
Потрошувачите ги консумираат производите според сезоната и затоа понудата на „Џамбо“ е приспособена не само за продажба на производи, туку и за понуда на решенија. Ова е заклучокот на Тим Хехенкамп, директор за управување со категории во „Џамбо“, кој го презентираше на семинарите на трговскиот саем на ПЛМА (18 мај, Амстердам).
Според податоците од Холандското здружение на потрошувачи, разликата во цените меѓу А-брендовите и приватните трговски марки во земјата се зголемила до 54%.
За да го надмине овој јаз, „Џамбо“, втор по големина трговец во Холандија, го лансира новиот приватен бренд под името Jumbo’s. Според трговецот, ова е уникатен пристап со одлични производи по достапни цени, кои се меѓу А-брендовите и традиционалните приватни марки. Младите потрошувачи се поотворени за подобрени приватни марки – 61% од милениумците и 58% од генерацијата Z велат дека приватните марки се добра алтернатива за брендовите на производителите.
Новата линија има привлечен дизајн, кој не е заснован на единствена дизајнерска шема, туку има различни дизајни за секоја категорија поединечно, објаснувајќи на етикетата зошто се лансираат овие производи. Планот на трговецот е и понатаму да иновира и да создава нови категории. Целта е да се понудат 500 производи до крајот на годината.
Се зголемува побарувачката за протеински производи
Побарувачката за производи со висок протеински состав продолжува да расте, што ги поттикнува трговците да го прошируваат асортиманот, често преку приватни марки за спортска исхрана.
„Ошан“ го лансира трговскиот бренд Eat n Move, кој вклучува производи како изотонични пијалаци за хидратација за време на тренинзи и сурутка за заздравување по вежбање.
„Алди“ во Германија ја претстави линијата Aldi Sports, која нуди производи збогатени со протеини, како што се сурутка во прав, протеински топчиња, енергетски барови, па дури и протеинско кафе.
Протеините продолжуваат да бидат клучен фактор за пораст во повеќе FMCG-категории. Додека порано беа ограничени на млечни производи, денес нивната употреба се проширува на сѐ поголем број производи, вклучувајќи леб, тестенини, салати, житни производи, решенија за оброци, енергетски барови, па дури и палачинки и кафе. Пакувањето често го истакнува протеинскиот состав, со цел да се усогласи со перцепцијата на потрошувачите за протеините како индикатор за здравје и активен начин на живот, особено меѓу потрошувачите од генерацијата Z.
Трговците јасно таргетираат дефинирана демографска група – здравствено свесни и физички активни потрошувачи. За да успеат во оваа област, FMCG-брендовите и доставувачите мора да осигурат силно присуство на полиците, да понудат инспирација за рецепти, да обезбедат можности за дегустација и да развијат асортимани што вклучуваат растителни опции и РТД-пијалаци.
ЕУ дебатира за генетското инженерство
Земјите-членки на Европската Унија имаат право да ограничат или да забранат одгледување на одобрени генетски модифицирани организми (ГМО) на својата територија, поради еколошки или здравствени причини.
Многу земји-членки избрале да не дозволат одгледување на ГМО-култури. Во моментов, во ЕУ се одгледува само еден вид генетски модифицирана пченка на ограничена скала.
По неодамнешното гласање на земјите-членки за олеснување на правилата за етикетирање на генетски модифицирани производи, почнале разговори во Брисел меѓу Европската комисија, Советот и Парламентот за тоа како да се регулира генетското инженерство во ЕУ. Основниот фокус е да се постигне конечен договор околу правната рамка за НГТ (нови геномски технологии), вклучувајќи алатки како што е CRISPR/Cas, кои често се нарекуваат „генетски ножици“.
Европската комисија предложи поделба на НГТ-растенијата во две категории:
НГТ 1 – растенија изменети без вклучување гени од други видови. Комисијата предлага тие да бидат ослободени од строгите ГМО-регулативи.
НГТ 2 – растенија што вклучуваат гени од други организми. Тие и понатаму ќе подлежат на постојните закони за ГМО.
Сајбер-напади врз неколку британски трговци
Во истата недела во април два големи трговци во Велика Британија – „Кооп“ и „Маркс & Спенсер“ беа погодени од сериозни сајбер-напади. Се тврди дека нападите на двата трговски синџира биле извршени од исти хакери. Нападите, меѓу другото, го нарушиле и нивниот синџир на снабдување, што довело до празни полици.
За да ја заштити компанијата, „Кооп“ исклучила дел од системите. Според информации од внатрешни извори, компанијата успеала да го спречи заклучувањето на целосниот систем, но нападот бил доволно сериозен за криминалците да успеат да украдат приватни податоци на купувачите.
„Маркс & Спенсер“, исто така, призна дека личните податоци на купувачите биле украдени во нападот, вклучувајќи датуми на раѓање, информации за домаќинства, телефонски броеви и „маскирани“ податоци за платежни картички, но, според потврдата од компанијата, не биле украдени лозинки за корисничките сметки. Нападот ги погоди и апликацијата за лојалност, онлајн-нарачките и бесконтактните плаќања, како и делови од синџирот на снабдување. Некои од продавниците на „Маркс & Спенсер“ биле принудени да работат само со готовина. По два месеца од сајбер-нападот, трговецот почнал повторно да прима онлајн-нарачки.
Правните служби веќе почнаа да подготвуваат групна тужба против „Маркс & Спенсер“, при што во рок од еден месец се пријавиле повеќе од 350 оштетени луѓе. Украдените податоци, иако не претставуваат непосредна закана, ги изложуваат купувачите на поголем ризик од измами бидејќи криминалците може да се претстават како трговецот или да ги искористат украдените податоци за да создадат впечаток дека добро ги познаваат корисниците.
Накратко...
- „Казино“ планира да отвори 210 продавници во Мароко под банерите „Франпри“ и „Монопри“ во следните 10 години. Првите продавници ќе бидат отворени во 2026 година. „Казино“ веќе има 472 франшизирани продавници надвор од матичниот француски пазар, лоцирани во повеќе од 20 земји.
- „Холанд & Барет“ лансира персонализирана платформа за здравје, која овозможува корисниците да ја следат својата биолошка возраст, да го разберат основниот причински фактор за нивната благосостојба и секојдневно да преземаат значајни чекори за подобрување.
- Синџирот дрогерии dm воведува повторно употребливи дисплеи за продажба во повеќе од 2.100 продавници во Германија и во други европски земји. Дисплеите се направени од повеќе од 80% рециклирана пластика и секој од нив штеди до 3,6 килограми јаглероден диоксид.
- „Морисонс“ го ревидира асортиманот на светска храна, додавајќи околу 370 нови производи, што претставува зголемување од 20%. Асортиманот на секоја продавница е приспособен според потребите и навиките на локалната заедница. Со новиот потег трговецот се надева дека ќе привлече поголем број купувачи што уживаат во патувањата, вечерите по ресторани и кои сакаат дома да подготвуваат автентични светски јадења.
- „Алберт Хеин“ лансира нова линија производи за скара и пијалаци, кои ги таргетираат купувачите-домаќини, односно тие што сакаат да готват дома. Со дополнителни 130 нови производи, асортиманот се фокусира на разновидност за искусните домашни мајстори на скара и за повремените готвачи.
- „Ил Вијатџатор голозо“ го проширува асортиманот со нова линија готови оброци – 25 рецептури, кои се наменети за потрошувачите што дури и со малку слободно време не сакаат да се откажат од гастрономското искуство.
- „Маркс & Спенсер“ нуди обновливи чинии од хартија, кои можат да се користат и во микробранова печка и во рерна. Чиниите се со FSC-сертификат и лесно може да се рециклираат дома како хартија, без потреба да се отстрани тенката пластична обвивка.
- „Кооператив У“ нуди асортиман од 30 производи без глутен по ниски цени, под сопствената трговска марка. Линијата вклучува од секојдневни производи до предјадења, а целта е промоција на поширока стратегија за достапна и одговорна трговија.
- „Реве“ планира пилот-проект за автоматизација на услугата со храна. Почнувајќи од есен, трговецот ќе тестира автономни роботи за готвење од технолошката стартап-компанија „Сиркус груп“.
Фото: Pexels