
Најголемиот дел од трговците се одлучуваат постепено да го воведат овој систем во своите објекти, за вработените да можат да ги совладаат процесите, но и за купувачите да се навикнат и да се одлучат да го користат.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
И покрај традиционалното мислење дека човечкиот контакт никогаш не може да биде заменет со машина, искуството покажува дека новите „касиери“ добро си ја вршат работата
Приреди: Редакцијата на InStore
Забрзаното темпо на живот и следењето на новите трендови наметнуваат имплементација на нови технологии во опремата на продажните објекти, меѓу кои актуелни се самоуслужните каси. Тие сè повеќе се „вкоренуваат“ во секојдневното купувачко искуство на потрошувачите низ целиот свет. Нивниот број расте од година на година, а речиси не постои поголем глобален трговец кој веќе не ги имплементирал и не ги вклучил во својот бизнис-план за развој.
И покрај традиционалното мислење дека човечкиот контакт никогаш не може да биде заменет со машина, искуството покажува дека новите „касиери“ добро си ја вршат работата.
Првата машина за самонаплата била инсталирана во 1986 година во продавницата „Крогер“ во Џорџија, САД. На почетокот, иако малку незграпни, односно комплицирани за користење, неелегантни и со сложен дизајн, со текот на времето тие машини се покажале ефикасни и ги скратиле редовите за чекање на купувачите, додека за трговците значеле помалку касиери во објектот.
Дури на почетокот од 21 век трендот на воведување самоуслужни каси сериозно почна да се развива во светот, особено по рецесијата, кога трговците во нив видоа можност за намалување на трошоците. Пандемијата на коронавирусот беше уште еден момент во историјата на самоуслужните каси, кога нивната популарност доживеа експанзија. Предизвиците за вработување и задржување работници, исто така, доведоа до тоа трговците во некои случаи повеќе да се потпираат на овие роботизирани продавачи.
Трендот расте кога станува збор за изборот меѓу самоуслужната и традиционалната каса. Секако, во корист на самоуслужната каса, таму каде што постои.
Во меѓувреме, можеа да се прочитаат и повеќе наслови за преиспитување на користењето самоуслужни каси. „Волмарт“ и „Костко“ се само некои од трговците што ја преиспитуваат оваа практика. Секогаш ќе има купувачи што не се сигурни која сорта јаболка ја избрале за да ја внесат на касата или, пак, на пример, оние што треба да бидат проверени дали се полнолетни за да купат алкохолни пијалаци. Исто така, останува предизвикот и со кражбата на производи, но напредокот во технологијата помага во голем дел од случаите тие да се спречат. Од друга страна, сè повеќе се зголемува бројот на купувачите што не сакаат да чекаат во ред.
Со оглед на тоа што трговските формати, културата и континуитетот на процесите на набавка, но и навиките на потрошувачите се разликуваат по земји и континенти, додека трговските синџири се стремат да бидат во чекор со времето, технологиите и модернизацијата, неопходна е постојана обука и едукација на вработените, воведување нови процеси, како и нивна популаризација меѓу купувачите. Една од примарните цели на самоуслужните каси е да им обезбеди на купувачите дополнителна флексибилност при купувањето, но и додадена вредност за помладата популација, која сака на овој начин поефикасно да ги извршува своите секојдневни потреби.
Во поголемиот дел од маркетите во САД, Велика Британија или во Азија преовладува безготовинското плаќање, односно плаќање со картичка во речиси сите трговски објекти. Кај нас во регионот, сепак, во голем број продавници плаќањето се извршува во готовина, што значително го отежнува и забавува процесот на воведување самоуслужни каси.
Пораст на прометот во Србија
Според податоците на Здружението за трговија при Стопанската комора на Србија, земјата не само што не заостанува, туку напротив, таа е лидер во регионот во имплементацијата на самоуслужните каси.
Најголемиот дел од трговците во земјата се одлучуваат постепено да го воведат овој систем во своите објекти, за вработените да можат да ги совладаат процесите, но и за купувачите да се навикнат и да се одлучат да го користат. Трговски формати во кои се достапни самоуслужни каси се супермаркети и хипермаркети, додека во помалите локални продавници се користат значително помалку. Меѓу трговците што ги користат самоуслужните каси се: „Делез“ – Србија („Идеа“, „Рода“ и „Меркатор“), „Универекспорт“, „Дис“ и „Лидл“, а други се или во процес на набавка или во фаза на планирање во своите објекти.
Најголемиот дел од трговците се одлучуваат постепено да го воведат овој систем во своите објекти, за вработените да можат да ги совладаат процесите, но и за купувачите да се навикнат и да се одлучат да го користат.
Во малопродажните објекти во кои има самоуслужни каси е забележано зголемување на прометот на дневно ниво до 40%. Притоа, овој вид купување се користи повеќе во поголемите градови, како што се Белград, Нови Сад и Ниш. Трговците во Србија засега не планираат продажни објекти без вработени, односно само со самоуслужни каси, и тоа поради купувачите што се навикнати на традиционалниот начин на купување, односно плаќање, поради пензионерите кои имаат доверба во касиерите и преку нив дознаваат за новите акции, но и поради културата на купување во земјата, која и понатаму се заснова на комуникација со вработените во малопродажните објекти.
Пионерски чекор во Македонија
Предводник во воведувањето на самоуслужните каси во нашата земја е „Тинекс“, кој со оваа мисија почна во 2021 година. Со отворањето на маркетот „Тинекс“ во „Ист гејт мол“ првпат на нашиот пазар беа воведени во употреба касите за самонаплата. Денес тие се имплементирани во поголемите маркети „Тинекс“, а до крајот на годината планирано е значителен дел од нашата продажна мрежа да биде покриен со ваквиот вид плаќање, во комбинација со регуларните каси, изјавија за InStore од компанијата и додаваат дека почнуваат и со систем за електронски цени, каде што означувањето на цените во маркетите ќе биде по електронски пат, со што ќе се намали просторот за грешки при нивното прикажување. Електронските ознаки за цени се присутни во речиси сите големи синџири маркети во светот, а сега стануваат дел и од нашето работење.
Од „Тинекс“ истакнуваат дека како компанија, секогаш се движат по патот на иновативноста и новитетите. Редовно ги следат трендовите во индустријата за малопродажба и се трудат да ги имплементираат во продажните места. Сметаме дека овие новитети го подобруваат купувачкото искуство и даваат додадена вредност на услугата што ја нудиме. Актуелностите за ваквите нови технолошки можности за помодерно работење ги следиме преку различни извори и интернационални саеми.
Според „Тинекс“, светските истражувања покажуваат дека просторот во кој се купува и неговиот изглед се исто така многу важни, па во тој правец ги прават и сите подобрувања во дизајнот на маркетите. Еден пример е маркетот во трговскиот центар „Зебра“, кој е направен според најновите трендови за уредување на простор во малопродажбата. Притоа, пред да ги имплементираат новите технолошки решенија и инвестиции, се прави детална анализа за бенефитите што тие би ги донеле. Приоритети при носење на овие одлуки се подобрувањето на услугата и поефективното работење.
Продолжуваме да инвестираме во проекти што сме сигурни дека ќе го зголемат задоволството кај купувачите и ќе овозможат полесно и поефикасно купување. Повеќе детали за овие проекти ќе откриеме штом тие ќе бидат во завршна фаза, нагласуваат од „Тинекс“.
Заклучок
Самоуслужните каси не се евтино решение, но како и во сè друго, последниот суд го дава купувачот. Трендот расте кога станува збор за изборот меѓу самоуслужната и традиционалната каса. Секако, во корист на самоуслужната каса, таму каде што постои. А таа не е само во големите или национално присутни трговски синџири, туку и кај регионалните лидери или локално присутни трговци, кои на тој начин остануваат во трка со странската конкуренција.
Уште еден позитивен манифест што се случува по воведувањето на самоуслужните каси е оптимизацијата на просторот. Овој тип каси зафаќаат речиси две третини помалку простор од традиционалните, што од друга страна значи и повеќе продажен простор.
Истражувањето на „Глобал маркет инсајтс“ покажува дека пазарот на самоуслужни каси ќе расте во периодот до 2030 година за просечно 10,6% годишно, кога станува збор за вредноста, и се очекува да достигне речиси 1,7 милијарди долари.