
Како се одвива преобразбата на приватните трговски марки – од нискобуџетни алтернативи до иновативни и одржливи производи.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Маржите во трговијата се под голем притисок
Во европскиот извештај „Перспектива за профитабилноста во трговијата со прехранбени производи“, консултантската фирма „Мекинзи“ заклучува дека маржите во оваа индустрија се ниски во споредба со другите сектори и се под постојан притисок.
Извор: ПЛМА
Макроекономските услови и индустриската динамика негативно влијаеле врз хипермаркетите и супермаркетите во последните пет години, додека дисконтите благо ја зголемиле својата маржа.
Просечната оперативна профитна маржа (ЕБИДТА) на трговците со храна изнесувала 7,1% од 2009 до 2023 година. Хипермаркетите и супермаркетите бележат ЕБИДТА-маржа од само 6,6% во 2023 година. Според истражувачите, во последните пет години е забележан пад. „Мекинзи“ предупредува дека овие податоци се просечни бидејќи профитабилноста значително варира меѓу различните трговци.
На пример, во последните пет години полски „Дино“ има ЕБИДТА-маржа од 9,2%, „Кеско“ 9,1%, „Аксфуд“ 8,6%, а „Ахолд Делез“ 8,5%. Маржата на „Сонае“ изнесува 8,1%, на „Колрајт“ 7,9%, на „Жеронимо Мартинс“ 7,5%, на „Лидл“ 6,1%, а на „Карфур“ 5,9%. Германски „Метро“ го заокружува списокот со ЕБИДТА-маржа од 4,8%.
„Мекинзи“ очекува во следните пет години да продолжи притисокот врз маржите во прехранбената трговија, особено кај хипер и супермаркетите. Ако не се преземат контрамерки, просечното намалување на ЕБИДТА би можело да биде од -0,2 до -2,7 процентни поени.
„Алди“ ја забрзува експанзијата во САД
Дисконтниот синџир „Алди“ најави дека планира да отвори 225 нови продавници во САД во 2025 година.
Тоа ќе биде најголемата експанзија во една година за „Алди“ во неговата речиси 50-годишна историја во САД. Во моментов трговецот има повеќе од 2.400 продавници во земјата, што е значително повеќе од приближно 2.000 продавници колку што дисконтерот има во својата матична земја Германија. Како што се наведува во соопштението, американската експанзија е дел од следната фаза на петгодишната стратегија за национален пораст.
Новите продавници ќе бидат отворени преку комбинација на природен пораст, односно со отворање објекти на нови локации, како и со ребрендирање на одредени објекти од синџирите „Вин-Дикси“ и „Харвис“. Со овој потег трговецот го зацврстува присуството во одредени региони и навлегува во нови области.
„Алди“ објави дека минатата година во продавниците успеале да привлечат 19 милиони нови купувачи во САД. Во ноември Дејв Риналдо, претседател на „Алди“ – САД, зборуваше на саемот ПЛМА во Чикаго за плановите за пораст на компанијата. Тој истакна дека моментот е поволен за пораст на приватните брендови во целата индустрија. Приватните брендови доживуваат подем. Во услови на инфлација, купувачите открија дека не мора да го жртвуваат квалитет за да заштедат пари. Всушност, 90% од нив велат дека ќе продолжат да купуваат приватни брендови во иднина, изјави тој.
Предлог-промени за пазарот на млечни формули
Британската агенција за конкуренција и пазар (CMA – Competition and Markets Authority) предложи мерки за справување со високите цени и ограничените опции на пазарот на млечни формули за бебиња.
Предлозите имаат цел да заштедат до 300 фунти (околу 360 евра) годишно за родителите, охрабрувајќи ги да изберат поекономични брендови. Предлозите вклучуваат стандардизирање на пакувањето и етикетите во болниците за да се намали влијанието на брендот на новите родители, како и овозможување родителите да користат лојални поени и ваучери за купување млеко за бебиња.
CMA го отфрли предлогот за ценовен лимит на млечните формули, поради можни ризици, како што се зголемување на цените на поевтините брендови. Наместо тоа, CMA препорача да се обезбедат појасни информации во продавниците, со сите брендови изложени заедно, за родителите да може да донесат информирани одлуки и лесно да ги споредат цените. Регулаторот, исто така, советуваше да се задржи забраната за рекламирање на млечните формули за да се избегне поттикнување на прекинот на доење.
Истражувањето на CMA, кое почна во ноември 2023 година, откри дека производителите ги зголемиле цените до 36% за само две години, што довело до повисоки профитни маржи за време на кризата со трошоците за живот. Трите главни компании – „Данон“, „Нестле“ и „Кендамил“ контролираат повеќе од 90% од пазарот.
Продолжува подемот на приватните марки
Новиот извештај на „Сиркана“ – „Приватни брендови: трансформација за пораст“ наведува дека приватните брендови продолжуваат да се развиваат од едноставни, нискобуџетни и алтернативи на познатите брендови во иновативни, одржливи и диференцирани производи. Според извештајот, овие брендови продолжуваат да го зголемуваат уделот, иако инфлацијата се намалува. Во 2025 година приватните трговски марки заземаат цврста позиција на глобалните пазари на FMCG-производи, со продолжен пораст благодарение на континуирани и стратешки инвестиции.
Притоа, трговците не се фокусираат само на цената за да ги направат конкурентни приватните марки, туку и на други аспекти како што се квалитетот, иновациите и одржливоста.
ЕУ6 (Франција, Германија, Италија, Холандија, Шпанија и Велика Британија) веќе има зрел пазар – приватните марки имаат удел од 39% во вредноста и удел од 47% во број на единици продадени производи. САД се во фаза на развој, со вредносен удел од 22% и волуменски удел од 24%, што ги прави најбрзорастечки на глобалниот пазар. Продажбата на овие производи во САД достигнала 308 милијарди долари.
Фото: Pexels
Накратко...
- „Кооп“ во Швајцарија воведе нова трговска марка која е создадена за да го намали отпадот од храна. Новата линија се вика Nice to Save Food (Убаво е да се зачува храната), а продуктите се направени од нуспроизводи што се добиваат при производството на храна.
- „Реве“ планира да ја прошири мрежата на продавници за миленици „ЗОО ројал“ со висок двоцифрен број на нови објекти следната година. Специјализираните продавници ќе бидат сместени во германските метрополски региони. Производите од трговската марка Zoo Royal се достапни и во многу продавници на „Реве“.
- „Диа“ лансира сопствена линија производи, специјално формулирани за користење во ер-фраери (апарати за готвење со топол воздух). Новата линија вклучува речиси 100 производи, од готови оброци и зеленчук до риба и месо. На новите производи стои ознаката Air Fryer.
- „Макро“ додаде повеќе од 400 приватни марки во својата понуда минатата година. Од прехранбените категории што се издвојуваат како најиновативни се замрзнатите и свежите месни производи, а од непрехранбените – професионалните кујнски алати и прибор.
- „Биедронка“ ја отвори првата продавница во Словачка. Продавницата има асортиман од 3.400 производи и има цел половина од свежата храна да ја набавува од словачки производители. Планирани се отворања на нови објекти во големите и мали градови и села.
- „Ероски“ минатата година инвестира повеќе од 8 милиони евра во отворањето 53 нови продавници под брендот „Контиго“. За тековната година, компанијата планира да отвори уште 54 објекти.
- „Џамбо“ ја применува ознаката „Look, smell and taste“ (Погледни, помирисај и вкуси) на сопствените марки млечни производи, со цел да го намали отпадот од храна во домот на купувачите. Трговецот ги охрабрува купувачите да погледнат, помирисаат и да ги вкусат производите чиј рок на траење поминал за да оценат дали сѐ уште можат да се консумираат.
- „Мигрос“ ја обнови премиум линијата Re di Sapori со графички дизајн, кој го отсликува фокусот на префинетоста, автентичноста и квалитетот. Новиот дизајн има црна елегантна заднина и деликатна бела текстура, која потсетува на природноста на состојките.
- „Амазон“ отвори дрогерија во центарот на Милано. Продавницата нуди богат асортиман на производи за убавина и лична нега, а во неа има и посебен дел во кој работат фармацевти, каде што купувачите може да купат лекови без рецепти.
- „Карфур“ ѝ се приклучи на низата од трговци и на крајот од март престана со дистрибуцијата на хартиените летоци. Трговецот вели дека со оваа одлука годишно ќе заштеди 15.000 тони хартија.