
Најкористени брендови и производи од македонско потекло во домаќинствата на кои испитаниците може да се сетат се „Витаминка“, „Бимилк“, Кристал, „Пивара Скопје“, „Жито лукс“ и Брилијант
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Анализа на пазарењето на македонските потрошувачи и нивните навики
Најкористени брендови и производи од македонско потекло во домаќинствата на кои испитаниците може да се сетат се „Витаминка“, „Бимилк“, Кристал, „Пивара Скопје“, „Жито лукс“ и Брилијант
Пишува: Калина Медаровска-Михајловска, БРИМА (слика од Калина)
Повеќе од тринаесет години БРИМА го спроведува омнибус-истражувањето од кое се добиени резултатите за анализата во врска со производите од македонско потекло што ги купуваат граѓаните и ставовите во врска со нив. Спроведувањето на ова истражување се врши четири пати во годината, односно на секои три месеци (февруари, мај, август и ноември). Истражувањето има многу бенефити од аспект на тоа што лесно може да се следи одреден тренд, односно да се следат промените во одредени параметри (навики, ставови и сл.) на подолг период.
Поради примената на истата методологија на истражување и следењето на одредени трендови, веродостојно е да се вршат анализи врз основа на промените што се случуваат со појавите што се испитуваат. Анализата на резултатите за оваа тема е од истражувањата спроведени во февруари 2023, февруари 2024 и февруари 2025 година. Сите истражувања се спроведени на примерок од 1.200 граѓани на Македонија, национално репрезентативен примерок на популација од 15+ години во домовите на испитаниците. Истражувањата се спроведени со помош на методот TAPI (Tablet Assisted Personal Interview), а се направени со член од семејството на кого прво му доаѓа роденденот. Маргината на грешка е +/-2,81%. Примерокот се подготвува на ист начин во сите истражувања – повеќестепен стратификуван репрезентативен примерок на Македонија.
И во Top of Mind и во вкупните одговори во врска со тоа кои три производители/брендови ги користат во домаќинството остануваат истите топ-6 бренда.
Омнибус-истражувањето е едно од многуте различни типови истражувања што ги спроведува БРИМА. Тоа се разликува од другите истражувања по тоа што клиентите ги делат трошоците за неговото спроведување и секој клиент поединечно учествува со сопствени прашања и ексклузивност во користењето на резултатите.
Карактеристично за БРИМА е што се истакнува со употреба на различни методологии, а како дел од „Кантар“ се користат брендирани алатки што лесно се применуваат во рамките на FMCG-секторот. Овие истражувања се однесуваат на задоволството на клиентите од услугите на угостителите, тајни купувачи (Mystery Shopping); навики и ставови (U&A) на корисниците на различни производи/услуги; истражувања во врска со одредени програми за лојалност; истражувања наменети за одредени таргет-групи и други ад хок и брендирани солуции (NeedScope, BrandZ, Link+, AdNow, TRI*M, Conversion Model, Kantar Marketplace и други).
Секој читател може да стане панелист со регистрација на платформата seeintouch.mk и да стекне поени преку одговарање на онлајн-анкети, кои понатаму има право да ги искористи како ваучери за пазарење.
Испитаниците спонтано одговараа на првото прашање, па поради тоа беше потребно сите одговори да се категоризираат – некои одговори се имиња на брендови, а некои на производители. На прашањето: Кои три македонски брендови (прехранбени или непрехранбени) најчесто ги користите/консумирате во вашето домаќинство?, како прв спонтан одговор (Top of Mind) добивме дека најчесто тоа се производи од производители на: преработени производи, млеко и млечни производи, масла за јадење и оцет, алкохолни и безалкохолни пијалаци, кондиторски производи, грицки, намази, сосови, леб и бели печива итн. Поконкретно, првоспоменат производител во највисок процент е „Витаминка“ (13,4%=2023; 15%=2024; 10,8%=2025). Следуваат „Бимилк“ (10,4%=2023; 8,9%=2024; 10,2%=2025), „Пивара Скопје“, Кристал, Брилијант („Витаминка“) и „Жито лукс“ како топ-6 компании/брендови (табела 1).
Табела 1
Првоспоменати производители/брендови што се користат во домаќинствата
| Top of Mindмакедонски производители/брендови | 2023 година | 2024 година | 2025 година |
| „Витаминка“ | 13,4% | 15% | 10,8% |
| „Бимилк“ | 10,4% | 8,9% | 10,2% |
| „Пивара Скопје“ | 3,3% | 6,9% | 4,1% |
| Кристал | 4,1% | 5,4% | 4,1% |
| Брилијант | 5% | 3,5% | 3,8% |
| „Жито лукс“ | 2,6% | 4,1% | 5,3% |
Ако се направи анализа на резултатите кога ќе ги групираме сите спонтани одговори низ годините, може да се забележи пад на перцепцијата на граѓаните за користењето на продуктите на „Витаминка“, односно пад на свесноста. Перцепцијата за „Бимилк“ покажува големи варијации на пад и зголемување. Често овие варијации може да се поврзани со интензитетот на рекламирање на производите во одреден период, кој е непосреден пред истражувањето. Сепак, и во Top of Mind и во вкупните одговори во врска со тоа кои три производители/брендови ги користат во домаќинството, остануваат истите топ-6 бренда: „Витаминка“, „Бимилк“, Кристал, „Пивара Скопје“, „Жито лукс“ и Брилијант („Витаминка“). Повеќе во табела 2.
Табела 2
Сите споменати производители/брендови што се користат во домаќинствата
| Ситемакедонски производители/брендови | 2023 година | 2024 година | 2025 година |
| „Витаминка“ | 30,8% | 28,9% | 24,5% |
| „Бимилк“ | 28,7% | 20,5% | 28,2% |
| Кристал | 12,1% | 11,5% | 11% |
| „Пивара Скопје“ | 7,3% | 14,1% | 9,7% |
| „Жито лукс“ | 8,9% | 9,7% | 12,1% |
| Брилијант | 10,8% | 7,4% | 8,6% |
Одговорите на прашањето: Дали сметате дека прехранбените или непрехранбените производи од македонско потекло што се купуваат од маркети/супермаркети се со константен квалитет? се прикажани на графикон 1.
Графикон 1
Дали производите од македонско потекло се со константен квалитет?
Одговорите на анкетираните лица покажуваат дека во 2025 и 2024 година во споредба со 2023 година перцепцијата се менува во правец кон подобрување на константноста на квалитетот на прехранбените и непрехранбените производи од македонско потекло. Околу 59% во 2025 година и 58% во 2024 година од анкетираните сметаат дека квалитетот е константен, што е за околу 10 процентни поени повеќе од 2023 година. Пропорционално, тие што не сметаат дека квалитетот е константен се во понизок процент во споредба со 2023 година. Подлабинските анализи покажуваат дека Албанците во понизок степен веруваат во квалитетот на производите со македонско потекло отколку Македонците. Додека 37% од Албанците сметаат дека квалитетот е константен, тој процент кај Македонците изнесува 60%. Според региони, жителите на Североисточниот Регион во најнизок процент веруваат во константноста на квалитетот, додека пак жителите на Југозападниот Регион најмногу веруваат во високиот квалитет на македонските производи (графикон 2). Во однос на урбанизираноста на местото, нема значителни разлики кај анкетираните, односно не се согледуваат разлики во мислењата меѓу жителите од руралните и од урбаните средини.
Во 2025 и 2024 година во споредба со 2023 година перцепцијата се менува во правец кон подобрување на константноста на квалитетот на прехранбените и непрехранбените производи од македонско потекло.
Графикон 2
Дали производите од македонско потекло се со константен квалитет?
За крај, може да заклучиме дека како најкористени брендови и производи од македонско потекло во домаќинствата на кои испитаниците може да се сетат се „Витаминка“, „Бимилк“, Кристал, „Пивара Скопје“, „Жито лукс“ и Брилијант. Испитаниците од Југозападниот Регион најмногу веруваат во константноста на квалитетот на производите од македонско потекло, додека пак тие од Североисточниот Регион најмалку се согласуваат со тоа.
БРИМА е прва приватна независна агенција за истражување на јавното мислење и истражување на пазарот, формирана во 1992 година. Таа е македонски член на „Галуп интернационал“ и е во асоцијација со една од најголемите истражувачки агенции во светот „Кантар“. До денес има спроведено повеќе од 1.400 истражувања. Темите на истражување се приспособуваат на целите на истражувањата за да се измери јавното мислење, да се откријат потребите, навиките и ставовите, аспектите на задоволство на граѓаните/корисниците на услуги и други целни групи. Како дел од групацијата „Кантар“, БРИМА располага со голем број брендирани алатки (истражувачки методи потврдени на повеќе илјади студии).