
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
МАПА НА ДИСТРИБУТЕРИ е специјално издание на InStore кое го издаваме еднаш годишно. Во финансиската анализа на InStore годинава вклучивме 41 дистрибутивна компанија чија дејност е дистрибуција на големо на прехранбени производи, пијалаци, тутун, козм
МАПА НА ДИСТРИБУТЕРИ е специјално издание на InStore кое го издаваме еднаш годишно. Во финансиската анализа на InStore годинава вклучивме 41 дистрибутивна компанија чија дејност е дистрибуција на големо на прехранбени производи, пијалаци, тутун, козметички производи и др.
Пишува: Верица Мартиновска, директорка на Instore.mk, verica@instore.mk
МАПА НА ДИСТРИБУТЕРИ е специјално издание на InStore кое традиционално еднаш годишно дава финансиски пресек на македонските дистрибутивни компании од FMCG-секторот, но и поширок поглед на предизвиците и можностите со кои се соочуваат.
Дистрибутивната индустрија во Македонија извесен период се наоѓа на крстопат: од една страна се глобалните потреси во синџирите на снабдување и постојаниот притисок врз трошоците, а од друга страна е потребата за зајакнување на конкурентноста преку современи деловни практики. Последниве години, пандемијата, војните, геополитичките кризи и прекините во глобалниот транспорт само го потсилија чувството дека стабилноста не може да се земе здраво за готово.
Иако Македонија не може директно да влијае врз глобалните текови, компаниите можат и мора да влијаат врз сопствената организација. Дигитализацијата е една од алатките за зголемување на контролата и ефикасноста, но таа не е единствена. Квалитетот и ширината на портфолиото, добро избалансираните комерцијални услови и партнерства со принципалите, но и квалитетната грижа за клиентите се клучни фактори што ги движат продажбата и приходите.
Дигитализацијата, пак, најдиректно влијае врз подобрувањето на оперативната ефикасност и намалувањето на трошоците. Автоматизацијата на нарачките, оптимизацијата на маршрутите за достава, прецизната анализа на залихите и интегрираните ERP-системи се чекори кои кај дел од македонските компании веќе се спроведуваат, но сè уште има простор за сериозен напредок.
Во овој контекст, сè повеќе се покажува дека профитабилноста на долг рок нема да зависи само од тоа колку ќе се продава, туку и колку паметно ќе се контролираат трошоците и колку ефикасно ќе се водат процесите. Примерите на водечките дистрибутери во Македонија покажуваат дека оние што навреме инвестирале во логистика, технологии и професионализација на кадарот полесно ги амортизираат надворешните шокови и успеваат да задржат стабилна добивка.
Во иднина, динамиката на FMCG-дистрибуцијата ќе бара постојана адаптација: од проширување на портфолиото со нови и профитабилни брендови, преку соработка со модерна трговија и хорека-сегментот, до следење на трендовите во е-трговијата и достава „до последната милја“. Компаниите што ќе ја разберат дигитализацијата како стратешки ресурс, а не како краткорочен трошок, ќе можат да им понудат поголема вредност на своите клиенти и да останат чекор пред конкуренцијата.
Нивното височество – бројките!
МАПАТА НА ДИСТРИБУТЕРИ шест години по ред носи ексклузивни податоци за работењето на дистрибутивните компании во Македонија. Изданието, кое излегува еднаш годишно, покажува каков е развојот на компаниите, дава преглед на финансиското работење на конкуренцијата, но и на нејзините капацитети, принципали и инвестиции.
Во годинешната анализа се земени 41 компанија кои во Централниот регистар се заведени според следните шифри на дејност: 46.17; 46.19; 46.34; 46.35; 46.36; 46.39; 46.45; 46.49; 46.90.
Вкупниот остварен профит на анализираните компании е 1.797.112.516 денари и бележи пад од 5,49% од вкупниот профит остварен лани(табела 1 на линкот ). Првите десет компании оствариле вкупен профит од 1.264.436.863 денари, што е 70,4% од вкупно остварениот профит на 41 анализирана компанија. Износите се во денари според официјалните податоци на компаниите, добиени преку biznismreza.mk.
Како и лани, така и годинава на првата позиција според остварен профит е „Адријус“, која во 2024 година остварила профит од 247.373.312 денари и пораст од 9,52% во споредба со лани. Истата позиција од лани ја има и „Алма-М“ со остварен профит од 184,139,748 денари и пораст од 1,37%. Промена има на третата позиција, каде што според профит лани беше „Колид фудс“, а годинава се најде „Пекабеско“, кој бележи пораст на профитот од 19,28% на 145.997.759 денари. Промена има и кај петата позиција, па на местото на „Пекабеско“ годинава се најде „Даути комерц“, кој остварил профит од 121.898.076 денари. Четвртото место е непроменето – „Колид С тим“ со профит од 130.334.555 денари. Годинава најголем пораст на профитот бележат „Атлантик трејд“ од 8.700.976 денари лани на 37.710.485 денари годинава, „Инко фудс“ од 3.688.782 на 10.008.910 денари и „Таргет“ од 1.238.427 на 2.296.585 денари.
Од финансиската анализа на InStore може да се види дека во анализираните 41 компанија се вработени 4.540 луѓе, што е за неколку стотици повеќе од лани. Во првите десет компании, според остварениот профит во 2024 година, се вработени речиси половина од вкупно вработените.
Во продолжение на оваа ексклузивна едиција може да ги погледнете финансиските резултати на анализираните компании според остварениот профит (табела 1), но и според остварената продажба на производи (табела 2), како и визуелна мапа на првите 15 компании рангирани според профитот.
Севкупно, анализата покажува дека македонскиот FMCG-сектор и понатаму е во фаза на приспособување кон новите пазарни реалности. Со неа се претставени нивниот пораст, предизвиците, но и поуките. Податоците презентирани во МАПА НА ДИСТРИБУТЕРИ се поттик и сигнал за целата индустрија: стабилноста и растот се резултат на внимателно водени деловни одлуки, контрола на трошоците и мудро градено портфолио. И покрај ограничувањата на пазарот и инфраструктурата, видлив е напредок кај дел од дистрибутивните компании, особено оние што инвестираат во автоматизација, дигитална поддршка и подобра анализа на податоци. Во иднина конкурентноста сè повеќе ќе зависи од способноста за интегрирано управување со логистичкиот синџир и подготвеноста за технолошка адаптација. Компаниите што навреме ќе го препознаат дигиталното како стратешки ресурс, а не како трошок, ќе бидат оние што ќе го скратат синџирот, но ќе го зацврстат пазарниот отпечаток.
Табелите може да се видат на линкот https://instore.mk/record/29/17568/mapa-na-trgovci-mapa-na-distributeri-2025