
Компаниите од FMCG-секторот што размислуваат визионерски ја активираат моќта на технологијата за да создадат поголема вредност и да го зголемат приходот...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Компаниите од FMCG-секторот што размислуваат визионерски ја активираат моќта на технологијата за да создадат поголема вредност и да го зголемат приходот.
Извор: „Керни“, www.co.kearney.com
Од економскиот бум по Втората светска војна и периодите на брза експанзија, па сè до консолидацијата, преминот кон е-трговија, дигиталните дисрупции и подемот на трендот за здравје и благосостојба – индустријата на FMCG-производи постојано се соочува со предизвици во текот на развојот. Во последниве неколку години порастот стана уште потежок, при што во игра се неколку фактори:
Пожестока конкуренција во неизвесен свет. Од инфлациските последици по пандемијата на ковид-19 до променливите трговски политики и царините поттикнати од геополитички тензии – денешната средина бара нов начин на размислување. Компаниите од FMCG-секторот се соочуваат со зголемени трошоци за суровини, нестабилни синџири на снабдување и ребаланс на глобалните даночни и ценовни структури. Но, не станува збор само за макроекономски фактори. Довербата на потрошувачите опаѓа. Истражувањето од Институтот за потрошувачи на „Керни“ покажува дека 48% од потрошувачите од целиот свет не веруваат дека брендовите ги имаат нивните интереси на ум, што го поттикнува порастот на приватните марки. Трговските брендови добиваат значаен удел на пазарот – дури над 30% во одредени сегменти – и ги намалуваат профитните маржи на традиционалните играчи.
Непредвидливиот потрошувач. Брендовите сè потешко успеваат да разберат што купувачите навистина сакаат или им е потребно. Како што се наведува во извештајот „Keeping up with the consumer“ на „Керни“, денешните потрошувачи имаат поголем избор од кога било досега, а нивниот живот е сè покомплициран. Тие сакаат да имаат избор, но често се преоптоварени од него; сакаат да имаат контрола врз сопствените одлуки, но истовремено очекуваат внимателно селектирана понуда; сакаат да живеат според одредени вредности, но не секогаш можат да им дадат приоритет. Тоа создава нови предизвици за брендовите, кои се обидуваат да ја одржат рамнотежата меѓу слободата на избор и лојалноста.
Крај за премиум цените. И, секако, тука е и улогата што цените ја играат во равенката за пораст. Податоците од 2023 година покажуваат дека порастот главно се должи на повисоките цени – цените придонеле за 10 процентни поени органски пораст во повеќе сектори, додека обемот на продажба опаѓал. Со забавување на инфлацијата, ценовната политика ќе стане многу почувствително прашање бидејќи трошоците се стабилизираат, а потрошувачите сè помалку ќе прифаќаат високи цени.
Сето тоа значи големи промени за FMCG-компаниите. Темелите врз кои тие ги изградија своите бизниси се променети до непрепознатливост – и нема да ги одведат во иднината. Тоа значи дека мора да направат подлабока анализа за тоа како да го поттикнат порастот и да им пристапат на предизвиците на пофундаментален и попрецизен начин. Со други зборови, потребно е да ги вградат и трансформираат своите капацитети за управување со порастот на приходите (RGM – Revenue Growth Management).
Како вештачката интелигенција (ВИ) може да го забрза RGM?
RGM претставува стратешки пристап за создавање одржлив и профитабилен пораст на приходите, преку интегрирано донесување подобри одлуки за цените, трговските услови, промоциите, портфолиото и за дистрибуцијата. Сепак, многу компании се соочуваат со тешкотии при развој и примена на ефикасни и скалабилни RGM-решенија, поради недостатоци во следниве аспекти:
Интегритет на податоците. Рачното собирање и обработка на податоци одзема многу време и често доведува до грешки и недоследности. Тоа спречува компаниите да ги претворат изолираните случаи во глобални, вертикално интегрирани решенија.
Препораки за дејствување. Дури и кога податоците се достапни и доволно квалитетни за да се направи добра анализа, многу компании не можат да постапат по добиените препораки затоа што немаат соодветни вештини или капацитети. Можностите и ризиците се губат во морето на анализи – преопштите препораки ја отежнуваат реализацијата и не ја искористуваат потенцијалната вредност.
Континуирано унапредување. Пречесто RGM се третира како еднократна иницијатива. Тоа резултира со ограничен обем и длабочина, како и неможност за вкрстена интеграција низ организацијата. Тоа доведува до изолирани програми, кои со текот на времето не даваат трајни резултати.
Добрата вест е што ВИ може да помогне и да ги надмине овие предизвици со тоа што овозможува побрзи и попрецизни увиди. Таа дејствува како катализатор што постојано овозможува подобри анализи и со тоа создава услови за континуирано и одржливо унапредување на резултатите.
Клучни вештини на ВИ
Точност. ВИ овозможува организациите ефективно да ги користат огромните бази на податоци од повеќе извори, подобрувајќи го квалитетот на анализите и откривајќи заборавени сигнали за интерпретација на сложени обрасци и аномалии.
Ефикасност. Рутинските задачи како што се консолидирање на податоци, внесување податоци и изготвување извештаи, можат да се автоматизираат и да ги ослободат вработените, кои би се фокусирале на активности со повисока вредност.
Достапност. Една од најголемите предности на ВИ е што овозможува поголемиот дел од работната сила, вклучувајќи ги и тимовите на терен, да донесуваат одлуки засновани на податоци во реално време. Тие имаат пристап до интелигенција што е достапна во секој момент.
Како ВИ може да се користи во RGM?
ВИ може да се користи во пет клучни области на RGM:
ВИ ја подобрува ценовната интелигенција преку анализа на големи бази на внатрешни и надворешни податоци во реално време, откривајќи сложени обрасци и врски што би биле тешки за идентификација со мануелна работа. Тоа му овозможува на менаџментот на компанијата да има подлабоко разбирање за ценовната флексибилност и да ги следи цените на конкурентите и промените на пазарот побрзо и со поголема прецизност. Освен обезбедување детална и навремена слика за ценовните трендови, ВИ-решенијата (динамичните ценовни механизми и алатките за предиктивна анализа) можат да предложат оптимизирани ценовни точки што ги максимираат маржите, а притоа се задржува конкурентноста.
Вештачката интелигенција може да им овозможи на компаниите да спроведуваат динамични ценовни стратегии, приспособувајќи ги цените на индивидуалните потрошувачи и контексти. Таа може да земе предвид различни аспекти – реалната спремност за плаќање, однесувањето при купување, нивоата на резерви и активноста на конкурентите. Водечките FMCG-компании користат алгоритми што автоматски ги приспособуваат цените во реално време за да ги одразат промените во побарувачката и понудата. Тоа им овозможува на фирмите не само да ги заштитат маржите, туку и да ја подобрат лојалноста, нудејќи им фер цени на потрошувачите.
Со поточни и побрзи ВИ-анализи, FMCG-компаниите можат да ги приспособат промоциите со многу поголема прецизност. Тие се одлична алатка за динамично приспособување на кампањите врз основа на податоци во реално време за продадени производи или рани сигнали за перформанси од одредени продажни места. ВИ-моделите можат да предвидат кои промотивни активности ќе го зголемат приходот и профитабилноста врз основа на одредени обрасци, конкурентски контекст или однесувањето на купувачите, а потоа да препорачаат непосредни интервенции за подобрување на резултатите (прераспределба на буџетот, приспособување на висината на попустите и сл.).
Освен тоа, ВИ може да помогне во усогласувањето на промоциите со вистинските преференции на потрошувачите преку брзо тестирање на различни концепти во големи размери, симулирајќи ги веројатните резултати пред почетокот на кампањите. Водечките FMCG-компании користат и генеративни ВИ-алатки за создавање и тестирање на повеќе верзии на промотивни визуaли и пораки.
ВИ може да се користи во пет клучни области на RGM:
- Цени;
- Промоции;
- Услови за трговија;
- Портфолио;
- Канали за дистрибуција.
Кога станува збор за воспоставувањето на условите за трговија, аналитичките способности на ВИ носат големи предности. ВИ-решенијата имаат можност да ги претворат традиционалните и статични договори во структурирани податоци, кои брзо ќе ги идентификуваат празнините и можностите, односно ќе креираат услови за трговија за многу пократко време. На овој начин не само што се ослободуваат ресурсите, туку се обезбедува и поголема прецизност, конзистентност и транспарентност.
На пример, еден глобален FMCG-играч работи на повеќе од 100 пазари и на секој пазар склучува индивидуални договори со клучните клиенти. Тоа брзо ќе резултира со повеќе од 1.000 договори на глобално ниво, често складирани во децентрализирани системи и управувани локално. Како последица на тоа, добивањето релевантни податоци од договорите станува процес што одзема многу време и е склон кон грешки. Анализата на условите за трговија бара значителни ресурси и често недостига транспарентноста, која е неопходна за оптимизација на трошоците и за успешни преговори.
ВИ-решенијата можат да ги надминат овие предизвици преку централизирана база, која ги чува податоците за договорите во структурирана и лесно достапна форма. Корисниците можат да прегледаат повеќе стотици страници за неколку минути и да направат длабоки, компаративни анализи на сите документи.
Конечно, ВИ користи алгоритми за прогноза за да ги поддржи преговорите засновани на податоци – на пример, преку анализа на обрасци на потрошувачка и перформанси на доставувачи, може да препорача најефективни услови за трговија.
Во услови кога компаниите од FMCG-секторот настојуваат да ги оптимизираат операциите, а истовремено да останат релевантни на пазарот, ВИ станува моќна алатка за целосно искористување на потенцијалот на стратегиите за асортиман. Преку обработка на големи и разновидни бази на податоци – од социјални медиуми и системи за продажба до панели на потрошувачи и пазарни извештаи, ВИ може да открие простор за побарувачка, да идентификува силни позиции, да открие неискористени можности и да истакне области со потенцијал за пораст.
Со оглед на тоа што тимовите задолжени за развој на портфолиото не секогаш ги имаат предвид дополнителните трошоци при додавање нови производи (SKU), ВИ овозможува сеопфатен преглед на целиот синџир на вредност. Таа помага да се утврди вистинскиот трошок за секој SKU и количинската продажба што е потребна за да се постигне комерцијална исплатливост. На тој начин, компаниите можат да креираат асортиман ориентиран кон потрошувачот, кој ги одразува локалните преференции, форматите на продажни места и променливите навики во купувањето. Во крајна линија, тоа придонесува за профитабилен пораст во различни типови канали.
Вештачката интелигенција им овозможува на компаниите да дизајнираат портфолија што се истовремено локално приспособени и комерцијално одржливи. Од симулација на ефектите од промените во асортиманот до ребаланс на понудата врз основа на потенцијалот на продажното место, трошоците и потребите на потрошувачите, ВИ им дава моќ на менаџерите да го креираат вистинскиот спој за секоја полица. Тоа обезбедува не само стратешка усогласеност, туку и оперативна изводливост – постигнувајќи ја вистинската рамнотежа меѓу комплексноста, иновацијата и профитабилноста.
Планирањето и извршувањето на продажните активности, како клучни начини за генерирање приходи, може значително да се унапредат со користење на способностите на ВИ за обработка на податоци во реално време. Преку усогласување на внатрешните и надворешните податоци во единствена база, ВИ овозможува постојан увид во динамиката на побарувачката и понудата на различни пазари. Тоа на компанијата ѝ овозможува континуирано да го ажурира и подобрува распоредот на продажните активности, да ги приоретизира сегментите со најголем потенцијал и да ги насочи ресурсите таму каде што создаваат најголема вредност.
Решенијата за каналите на дистрибуција поддржани од ВИ можат да обработуваат разновидни извори на податоци и да нудат динамични препораки за приспособување на бројот на вработени. На пример, системот може да мапира пазарен удел и продажна покриеност по територија, да ги идентификува областите според комерцијалните цели и да предложи прераспределба на персоналот за да се надминат слабостите во извршувањето. Резултатот е поинтелигентно планирање на покриеноста, поефективна алокација на ресурси и подобри продажни резултати.
Паралелно со тоа, ВИ ја зголемува продуктивноста и ги намалува вкупните трошоци за сервисирање. Моделите можат да препорачаат најдобри понатамошни активности – како што се дополнителна продажба (upselling) или продажба на сродни производи (cross-selling) – и да ги приспособат интеракциите со потрошувачите според индивидуалните потреби.
Освен во продажбата, ВИ сѐ повеќе се користи и во корисничката поддршка, преку интелигентни ботови кои можат веднаш да решат рутински проблеми, да ги проследат посложените барања и да обезбедат доследно и брзо искуство за потрошувачите на сите канали и во сите временски зони.
...
Како што илустрираат сите овие примери, постојат огромни можности за ВИ да ги зајакне способностите на компаниите во областа на управувањето со приходите. Но досега, најголемиот дел од применетите решенија беа изолирани и ограничени по обем и скалабилност. Тоа што навистина им е потребно на компаниите од FMCG-секторот е темелна трансформација која ќе овозможи широка и интегрирана примена на ВИ во RGM и реално зголемување на приходите. Сеопфатната рамка што го води процесот – од поставување на основите, преку имплементација, до континуиран развој и унапредување, е структурирана во пет етапи:
Дали сте подготвени да ја искористите предноста на ВИ во RGM?
Наместо да имаат ограничени ефекти од поединечни активности или изолирани апликации на ВИ во RGM, компании од FMCG-секторот сега можат да изградат и развијат интегрирани капацитети што целосно ќе ја искористат технологијата за постојан пораст на приходите на долг рок. Тоа значи поточно, поефикасно и подостапно обезбедување на податоци, можност за искористување на претходно скриени извори на вредност и забрзан пораст на приходите.
За компанијата:
„Керни“ е глобална консултантска фирма за менаџмент, со мрежа од над 3.600 луѓе што работат во повеќе од 40 земји. Соработува со повеќе од три четвртини од 500. најголеми американски компании на листата на „Форчн“, како и со највлијателните владини и непрофитни организации.