
Откријте ги можностите и трендовите во малопродажната трговија, кои произлегуваат од мегаградовите – новите центри на културата, бизнисот, транспортот и на иновациите...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Откријте ги можностите и трендовите во малопродажната трговија, кои произлегуваат од мегаградовите – новите центри на културата, бизнисот, транспортот и на иновациите.
Автор: Гавин Ротвел, манеџер за малопродажна анализа, ИГД
ИГД спроведе истражување за причините за зголемениот фокус на мегаградовите во светот и за клучните трендови во FMCG-секторот, кои се појавуваат од тие центри.
Што е мегаград?
Обединетите нации го дефинираат поимот мегаград како град со 10 милиони жители или повеќе. Засега, во светот има 28 мегаградови, а се очекува дека до 2030 година бројката ќе достигне до 41, што е показател за глобалниот тренд на урбанизација. Иако поголемиот број се во Азија, меграградовите можат да се најдат на сите континенти.
Мегаградовите претставуваат центри од повеќе различни аспекти – тие се центри на културата, бизнисот, транспортот и на иновациите. Во нив живеат луѓе од различни општествени и социјални категории, што е причина за конвергенција на модерните со традиционалните канали, која ги претвора во носители на иновациите и на создавањето различни стратегии на пазарот. Голем број трговци и доставувачи се обидуваат да ги приспособат стратегиите токму кон мегаградовите.
Во продолжение се трите најдобри трендови што произлегуваат од мегаградовите:
Мегаградовите се карактеризираат со бројна популација, која живее на мали површини и има многу динамичен живот. Овие градови содржат широк спектар луѓе, кои меѓу другото, се разликуваат и според висината на приходите. Животот на различните луѓе на мали растојанија, на трговците им налага да се приспособуваат и да бидат соодветни за различните нивоа на приходи на потрошувачите. Во овие градови се забележуваат интересни насоки на развивање. Во секторот на премиум продавниците, одличен пример е „Минуто пао де асукар" на „Казино" во Сао Пауло, а мексиканскиот „Бодега аурера" на „Волмарт" се проширува со помали формати од вообичаените, во Мексико Сити.
Во многу мегаградови, високите бројки на помалку финанасиски моќни купувачи отвораат голема можност за вредносно ориентирани формати. Во оние што се надвор од Европа и од Северна Америка, традиционалниот малопродажен синџир, кој се состои од продавници во стилот мам-анд-пап (односно семејни), ја задржува главната улога. Но, паралелно со нив, се развиваат и модерните, вредносно ориентирани формати.
Во Бразил, т.н. формат атакарехо (atacarejo) – дел хипермаркет, дел „кеш & кери" и дел дисконт, продолжува со импресивен пораст, давајќи глобална лекција како големите формати можат да ја зголемат продажбата. Формат од таков тип е „Групо ексито", кој продолжува бргу да се шири низ земјата.
Истовремено, европскиот формат на дисконти сè повеќе се пробива во неколку клучни мегаградови во Азија, Јужна Америка и во Африка. БИМ во Истанбул и во Каиро е одличен пример, додека „Диа" во Буенос Аирес и во Сао Пауло разви комбинација од европскиот дисконт, која ги привлекува локалните жители.
Интернет-купувачите се честа и вообичаена појава во мегаградовите. Нарачувањето преку интернет на непрехранбени производи веќе е вкоренето, така што постои поголем простор за зголемување на нарачките за храна. Тоа е главната причина за создавање бројни партнерства, кои би можеле да го покријат овој дел од секторот.
Типично, но не и исклучително, интернет-купувањето е насочено кон купувачите кои се финансиски помоќни, се разбираат од технологија и се во борба со времето. Во повеќе мегаградови во САД, се појавуваат партнерства кои се способни да го редефинираат целиот пазар. На пример, „Дордаш" и „Убер итс" нудат логистички решенија, кои на потрошувачите им овозможуваат да уживаат во храната дома, како во ресторан. „Убер итс" кон крајот на минатата година се прошири и во Барселона и во Париз. Докажаните играчи на пазарот веќе реагираа – „Хол фудс маркет" се здружи со „Инстакарт" и во Њујорк нуди достава за еден час.
Во меѓувреме, „Ракутен" во Токио почна со услугата за испорака за 20 минути до одредени области, која вклучува и одредени прехранбени производи и пијалаци. Мегаградовите се плодна почва и за другите интернет-трговци: „Мерагросер" во Њу Делхи, „Матахари мол" во Џакарта и „Гло" во Лагос.
И додека интернет-трговијата е во различни фази на развој на различни пазари, се поставува прашањето како таа ќе ја промени улогата на продавниците. Мегаградовите нудат одредени индиции за тоа. На пример, „Јихаодиан" во Кина експериментира со 1.000 виртуелни продавници со апликација за паметни телефони, „Старбакс" и „Чипотле" во Лондон воведоа плаќање преку апликација, а во Париз, „Казино" и „Ошан" им нудат на потрошувачите погодни локации и шкафчиња за преземање на интернет-нарачките.
Како мегаградовите ќе се развиваат во иднина?
Како што технологијата сè повеќе се развива и навлегува во FMCG-секторот, во иднина, трговијата во градовите и во мегаградовите ќе треба да се приспособи кон различните потреби на потрошувачите и ќе зависи од локалните вкусови. Се очекуваат, особено во мегаградовите, огромни разлики меѓу потрошувачите. Затоа, разбирањето на локалните потреби, во комбинација со најрелевантните трговски формати и технологија, како и партнерствата меѓу трговците и доставувачите се пресудни за успех во тие глобални центри.