
Новите одредби имаат цел да ги зајакнат правата на потрошувачите, обезбедувајќи им јасен, транспарентен и лесен пристап до информации за цените на производите и услугите.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Измените на Законот за заштита на потрошувачите, со фокус на зголемувањето на транспарентноста на цените на стоките, стапија во сила на 4 март. Во согласност со новите промени, трговците што вршат трговија на мало се обврзани да ги исполнат новите обврски за објавување на цените на производите на своите веб-страници. Рокот за обврската да го усогласат своето работење беше најдоцна до 18 април.
Приреди: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Врз основа на одредбите од новиот член 15-а, трговците што вршат продажба на стоки имаат обврска да ги објавуваат цените на производите преку своите веб-страници. Притоа, секој трговец е должен на својата веб-страница, одделно за секој продажен објект, да ги објави тековните продажни, односно единечните цени на секој производ/услуга што го нуди за продажба. Освен тоа, трговците имаат и обврска за ажурирање на цените. Цените на стоките мора да се ажурираат на дневна основа, односно трговците се должни редовно да ги ажурираат цените на производите и услугите на веб-страниците, доколку има какви било промени.
При секое објавување или ажурирање на цените, мора доследно и во целост да се применуваат одредбите од Законот за заштита на потрошувачите, кои се однесуваат на означување на цените. Притоа, во сила стапи и Правилникот за начинот на објавување на цените на стоките и податоците што треба да се објавуваат, донесен од Министерството за економија и труд. Според Правилникот, трговците имаат обврска да ги објавуваат цените на стоките на својата веб-страница на јасен и достапен начин, преку посебен дел посветен на цените (Ценовник). Објавените цени треба да бидат достапни без потреба од регистрација или дополнителна најава. Доколку трговецот нуди промотивни или цени на попуст, на веб-страницата треба да биде означена редовната цена, процентот или износот на намалување, како и времетраењето на промоцијата или попустот.
Ажурирањето на цените треба да се врши на дневна основа, односно секој работен ден до 10:00 часот. Евентуалните, ненамерни технички грешки направени при ажурирањето на цените, трговецот има обврска да ги коригира во рок од 24 часа. Со измените на Законот за заштита на потрошувачите се предвидуваат и прекршочни санкции, односно глоби за сите трговци што нема да ги објавуваат цените, како и за оние што тоа ќе го прават спротивно на одредбите од член 15-а.
Новите одредби имаат цел да ги зајакнат правата на потрошувачите, обезбедувајќи им јасен, транспарентен и лесен пристап до информации за цените на производите и услугите. Овие измени ќе имаат директно влијание врз работата на трговците што вршат трговија на мало согласно Националната класификација на дејностите, но, од друга страна, ќе овозможат прецизен увид во нивните ценовни политики. Примарната цел на законските измени е да ги издигнат стандардите на транспарентност во трговијата – очекувањата се дека со редовно објавување и ажурирање на цените на производите ќе се овозможи сигурен пристап до целосни информации. Тоа треба да резултира со подобрување на стандардите за фер трговски практики и да ја зголеми довербата на потрошувачите во трговијата на мало.
Но, дали навистина ќе се реализира примарната цел на долг рок, како ќе се приспособат трговците, како измените ќе се имплементираат и рефлектираат во нивното секојдневно работење, како потрошувачите ќе ги искористат овие нови можности...
Став од секторот
Бојан Михајлов, член на Управен одбор на Стопанската комора на трговци на мало и големо
Стопанската комора ја препознава важноста на транспарентноста во трговијата и ги поддржува сите мерки што се во насока на унапредување на заштитата на потрошувачите. Сепак, воведувањето на обврската за секојдневно објавување и ажурирање на цените на веб-страниците претставува значителен административен товар, особено за малите и средни трговци. Оваа мерка бара технички ресурси, човечки капацитети и редовна ИТ-поддршка, што за одреден број субјекти претставува сериозен предизвик.
Од аспект на потрошувачите, измените имаат позитивен ефект – овозможуваат побрз пристап до информации и ја зголемуваат довербата. Од друга страна, кај трговците се создава дополнителен товар и ризик од казни за административни пропусти. Наместо фокус на квалитет на услуга и достапност на производи, трговците се насочуваат кон исполнување формални обврски, што може негативно да влијае врз ефикасноста на нивното работење.
Основната цел – подигнување на стандардите на транспарентност – може да се постигне, но само доколку мерката биде приспособена според реалните можности на трговците. Потребни се прецизни насоки, транзициски период, поддршка за дигитализација и диференциран пристап според големината на трговските субјекти. Во спротивно, постои ризик да се постигне спротивен ефект – зголемен притисок врз бизнисот без суштинско подобрување на пазарната транспарентност.
Од наша страна, во повеќе наврати беше потенцирано дека оваа законска обврска не смее да се применува еднакво за сите трговци. Имено, малите и средни претпријатија немаат исти технички и кадровски капацитети како големите трговски синџири. Поради тоа, Комората побара овие субјекти да бидат изземени од обврската, а за поголемите компании да се воведе приспособен пристап што ќе дозволи флексибилност во имплементацијата. Ваквиот диференциран модел ќе овозможи справедлива примена на законот без да се нарушат економската рамнотежа и конкурентноста на пазарот.
Основната цел – подигнување на стандардите на транспарентност – може да се постигне, но само доколку мерката биде приспособена според реалните можности на трговците.
Став од секторот
Елена Лалевска-Илиев, управителка на „Елида“
Со стапувањето во сила на измените на Законот за заштита на потрошувачите, трговците имаат нова обврска за јавно објавување и ажурирање на цените на своите веб-страници. Сметам дека ова законско решение нема да донесе значителни придобивки бидејќи трговците и досега ја исполнуваа својата законска обврска на транспарентен начин.
Во секојдневното работење на нашата компанија измените нема да предизвикаат оперативни тешкотии бидејќи технички се надградени системите за автоматско ажурирање на податоците. Сепак, тоа претставува дополнителен трошок кој не е секогаш оправдан. Од друга страна, потрошувачите можеби ќе имаат повеќе простор и време за споредба на цени, што може да придонесе за поголема информираност.
Ако навистина целта е да се подигнат стандардите за транспарентност, потребен е централен портал, поддржан од Министерството за економија, каде што сите трговци ќе ги објавуваат цените. Само така потрошувачите ќе можат лесно да пребаруваат, споредуваат и да добијат реална слика за тоа каде е најисплатливо да пазаруваат.
Ако навистина целта е да се подигнат стандардите за транспарентност, потребен е централен портал, поддржан од Министерството за економија, каде што сите трговци ќе ги објавуваат цените.