
Со проширувањето на категориите и зголемувањето на бројот на производи, производителите, трговците на големо и малопродажбата се соочуваат со сериозен предизвик како да обезбедат ефикасна аналитика и уште поефикасна дистрибуција.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Секојдневно сме соочени со парадоксот што се случува на малопродажниот пазар: потрошувачите очекуваат да имаат сè поголем избор, а истовремено бараат ниски цени, квалитет и достапност. Со проширувањето на категориите и зголемувањето на бројот на производи, производителите, трговците на големо и малопродажбата се соочуваат со сериозен предизвик како да обезбедат ефикасна аналитика и уште поефикасна дистрибуција.
Пишува: Бранко Азески, претседател на Стопанската комора на Северна Македонија и генерален извршен директор на „ГС1 Македонија“
Комплексноста на новиот асортиман
Повеќе производи значи повеќе податоци, повеќе точки на анализа и посложени одлуки. Традиционалните методи на следење на залихи и продажбата стануваат недоволни. Малопродажните објекти тешко ја предвидуваат побарувачката, а магацините се оптоварени со растечка динамика на движење на стоката. Оваа сложеност често води до недоволна искористеност на ресурсите, зголемени трошоци и она на што Европа обрнува големо внимание: емисијата на штетни гасови низ синџирот на снабдување.
Нови модели на дистрибуција
Паралелно, дистрибутерите и превозниците мора да се адаптираат кон нови модели на ефикасност. Концептот на salesman walk (модел на оптимизација кој симулира движење на продавач или дистрибутер со цел да се утврди најкратката и најефикасната маршрута за посета на повеќе локации со најмали можни трошоци) и оптимизацијата на маршрутите стануваат клучни алатки за намалување на трошоците и јаглеродниот отпечаток. Со дигитални платформи за управување со флота и маршрути, превозниците можат да комбинираат испораки, да избегнуваат празни километри и да постигнат повисоко ниво на еколошка одржливост.
Потребата од дигитализација
Овие предизвици ја наметнуваат дигитализацијата како неопходност, а не како опција. Напредните аналитички алатки овозможуваат прецизно предвидување на продажбата, што значи подобро планирање на залихите, рационално користење на магацинските капацитети и минимизирање на количините производи со истечен рок. Алгоритмите за предвидување создаваат сценарија врз основа на сезоналност, промоции и локални навики на потрошувачите, а резултатот е поефикасно снабдување и помалку изгубена вредност во синџирот.
Вештачката интелигенција како иднина
Се претпоставува дека може да се случи многу брзо да бидеме сведоци на системи базирани на вештачка интелигенција кои ќе прават нарачки во име на малопродажбата. Врз основа на машинско учење на историските шеми на набавки и продажба, овие модели ќе препознаваат кога е моментот за дополнување на одреден производ. Предвидувањата се дека тие модели за нарачка самостојно ќе комуницираат со слични модели кај превозниците и дистрибутерите, со цел навремено спремање на нарачките и планирање на маршрутите.
Македонскиот контекст
Секако, ова можеби во моментов изгледа како далечна иднина за Македонија. Но глобалните трендови покажуваат дека тоа време неизбежно доаѓа. За да не се создаде јаз меѓу најголемите малопродажни синџири и малите независни објекти, потребно е дигитализацијата да биде достапна за сите. Во тој дел, Стопанската комора може да одигра важна улога, да помогне овие технологии побрзо да им се приближат и на помалите продавници, кои традиционално покажуваат поголема отпорност на промени.
Конкурента малопродажна мрежа, задоволен потрошувач, одржлив еколошки и економски систем
Ефикасноста и одржливоста во синџирот „магацин-малопродажба“ повеќе не можат да се третираат одвоено. Тие се две страни на истата монета: рационално користење на ресурсите и намалување на негативното влијание врз животната средина. Решението лежи во забрзана дигитализација и постепено воведување на вештачката интелигенција. Тоа е патот со кој малопродажбата ќе остане конкурентна, потрошувачот ќе биде задоволен, а заедницата ќе добие поодржлив економски и еколошки систем.