
Не постојат копи/пејст решенија, мора многу добро да го разберете опкружувањето во кое работите и да имате силна екстерна ориентација. Но, на прво место е да креирате и да водите силен тим.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Нашиот соговорник Игор Јокиќ, искусен FMCG-професионалец, во моментов е на крстосница во својот професионален живот. Од една страна е веќе утврдената патека на работа на одговорни позиции во големи компании, а од друга страна, како што тој вели, сѐ погласен е повикот на претприемништвото...
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 27 мај 1978 година, Градишка, БиХ.
Образование: Природно-математички факултет при Универзитетот во Бања Лука.
Кариера:

Од љубов кон животните до успех во продажбата
Уште како дете Игор сонувал да стане ветеринар. Во времето кога повеќето момчиња сакаа да бидат фудбалери или пилоти, јас сакав да станам ветеринар. Дури се запишав и на средната ветеринарна школа, воден од искрената љубов кон животните, особено кон кучињата. Животот, сепак, го однел во друга насока. Професионалниот пат го насочил кон продажбата, развој на пазари и управување со комплексни системи, но љубовта кон животните никогаш не згаснала.
На почетокот тој не ни помислувал дека неговата кариера ќе се развива во толку динамичен правец и на различни пазари. По завршените студии бил пресреќен кога ја добил првата работа во дистрибутивната компанија „Телоптик“. Првите денови ги поминал во магацин, потоа на терен како продавач, а подоцна напредувал во локален КА-менаџер. Пресреќен што имам работа, во тој момент не размислував за големи планови. Но, токму тука ги научив најважните лекции. Тоа беше сериозна школа, особено во дистрибуцијата на производите на „Колгејт-Палмолајв“. Научив дека вредната работа се исплаќа, односите со купувачите мора да се градат на вин-вин принцип и дека секој детаљ во продавницата – секој дополнителен фејсинг, секоја позиција, секој ПОС-материјал – носи вредност.
Следната фаза од неговата кариера била во компанијата „Лакталис“ во БиХ, каде што работел како менаџер за регионална продажба. Но, како што вели, како што времето поминувало, така растеле и неговите амбиции. Всушност, тоа не беа амбиции, туку глад за учење и нови победи.
Продажбата релативно лесно и брзо се оптоварува со администрација. Никогаш не смее да се заборави дека продавачот, пред сè, мора да продава!
Патот до лидерството
Вистинскиот пресврт се случил во 2011 година, кога преку агенција за хедхантинг добил понуда да стане дел од „Хенкел“. Имав чувство дека полека стагнирам и оти за понатамошен професионален пораст мора да го напуштам градот во кој сум израснал и каде што ги направив првите професионални чекори. Сите што не сме родени или израснати во главните градови, во еден момент мора да го оставиме светот што го познаваме – пријателите, родителите… и да одиме понатаму... да одиме напред. Секако, Игор додава дека „Хенкел“ како работодавец бил атрактивен и со силата на брендовите, присуството во повеќе категории, квалитетот на производите. Сето тоа ја потврдило неговата решителност да ѝ се приклучи на оваа компанија, одлука за која никогаш не зажалил.
Од 2014 година е на позицијата менаџер за развој на бизнисот во „Хенкел“ – Србија. Во времето кога се појавила оваа можност, иако Игор признава дека се потрудил за таа да се појави, имал две јасни цели – едната била финансиска, а другата, многу поважна – да го води развојот на пазарот. Затоа не беше тешко да го прифатам повикот на господинот Кристоф Тил, кој од позицијата генерален директор за Адриа Регионот за детергенти и средства за чистење премина во „Хенкел“ – Србија, од каде што, меѓу другото, се управуваше и со македонскиот пазар. Првичниот план беше да го водам развојот на црногорскиот пазар, но во последен момент, на моја голема радост, беше донесена одлука да ми се додели лидерство во развојот и управувањето со македонскиот пазар.
Дури и ако целиот работен век сте во иста компанија, важно е да поминете низ различни позиции и сектори, а новите пазари најмногу ве збогатуваат.
По Балканот, следувала уште поголема авантура – Казахстан. Како раководител на управување со клучни клиенти. Тој признава дека не било лесно да ја напушти Македонија, земјата во која лесно се заљубил... Сепак, победила желбата за нови предизвици. Не беше лесно да се одлучам на тој чекор, имајќи ја предвид големата далечина на Казахстан и моето апсолутно незнаење за таа земја... Освен преку филмот „Борат“, за кој подоцна дознав дека всушност е снимен во Романија.
Задачата била да се формира и води современ КА-менаџмент за пет од деветте пазари на Централна Азија и Кавказ, односно Казахстан, Узбекистан, Грузија, Азербејџан и Ерменија. По малку повеќе од една година на позицијата раководител на управување со клучни клиенти, Игор добил можност од позицијата директор за продажба да ги води сите девет пазари.
Нови пазари од нови позиции. Тоа не е баш идеално сценарио за тие што сакаат мирно море. Моите лекции се дека не постојат копи/пејст решенија, мора многу добро да го разберете опкружувањето во кое работите и да имате силна екстерна ориентација. Но, на прво место е да креирате и да водите силен тим. Токму силата и квалитетот на тимот се пресудни за успехот или неуспехот на секој менаџер и на секој бизнис. Доколку ги имате вистинските луѓе на вистинските позиции, успехот не може да изостане.

Тој истакнува дека неговото патување со „Хенкел“ завршило од приватни причини. Сѐ уште ја гледа оваа компанија како втор дом, во која се остварил како професионалец и созреал како личност.
Во 2019 година Игор преминува во сосема нов сектор – во „Филип Морис“. Компанијата го привлекла со својата големина, историја и трансформација базирана на иновации. Таму бил дел од воспоставувањето дигитална дистрибуција во Србија и развој на омниканални продажни модели – во исклучително предизвикувачки период обележан со ковид-кризата.
Следната функција е директор за продажба и управување со портфолио во групацијата „Нелт“... Повеќе од пет години на веројатно најпредизвикувачката продажна позиција во регионот, со речиси милијарда евра годишен промет, водење двоцифрен број продажни програми преку седум одделни продажни организации и е-трговија, како и искуство во водење на планирање резерви и формирање современ интерен кол-центар, на оваа позиција го заокружив својот професионален развој на продажни позиции, вели Игор и додава дека стекнал богато искуство и за работата во други сектори, како логистика и комерцијални финансии. Сепак, на еден болен начин сфатив дека продажбата релативно лесно и брзо се оптоварува со администрација и дека никогаш не смее да се заборави дека продавачот, пред сè, мора да продава!
Не плашете се од предизвиците – попаметни и поотпорни сте отколку што мислите. Нема секој предизвик да биде успешен во смисла дека ќе ги исполните туѓите и сопствените очекувања, но и тоа е лекција.
Според него, во компанија како „Нелт“ мора постојано да се биде на врвот на играта, многу добро да се поставуваат приоритетите и уште подобро да се управува со фокусот. Доказ дека работев како што треба е и времето поминато на оваа позиција – подолго од кој било пред мене.

На професионална раскрсница
Денес, Игор вели дека се наоѓа на професионална раскрсница. Од една страна е веќе утврдената патека на работа на одговорни позиции во големи компании, а од друга страна, како што тој вели, сѐ погласен е повикот на претприемништвото. Во наредните недели ќе се искристализира која патека ќе ја изберам, но повикот на претприемништвото станува сè посилен. Верувам дека сум во фаза во која можам да им помогнам на многу компании што се занимаваат со продажба, особено во FMCG-индустријата, да ги издигнат своите процеси на повисоко ниво и да остварат дополнителна вредност во работењето преку продуктивност и ефикасност. За да не откривам премногу, ќе кажам само еден збор – „Велостра“.
Според него, најголемиот предизвик во одржувањето на динамичниот ритам е наоѓањето време за семејството, за себе, надвор од времето што се поминува на работа, или подобро речено – во работа. Додава дека фамозниот баланс меѓу работата и приватниот живот, како концепт за него е нејасен. Мојот став секогаш е: кога работите – работите, кога не работите – се занимавате со сè друго што не е работа. Секако, кога почнувате со кариерата, максимално сте фокусирани на неа, а другите сегменти од животот мора да почекаат. Но, од друга страна, времето лета и некои работи никогаш нема да можете да ги вратите.
За една личност да биде успешна во тоа што го работи, според Игор, најпрвин мора да го сака тоа што го работи, да се грижи за луѓето со кои работи, и на крајот – да знае како се работи таа работа. По правило, тоа нема никој целосно да ви го објасни, туку се учи преку работа и искуство. Во текот на кариерата постојано работел на себе – на аналитичноста, на стратешкиот пристап во водењето на бизнисот и особено е задоволен што станал лидер, а не само менаџер. Човек учи додека е жив, па така и јас гледам простор за понатамошно унапредување. И да – резилиентноста, агилноста и адаптивноста се квалитети што многу помагаат. Една од многу важните работи е и разновидноста на искуствата. Дури и ако целиот работен век сте во иста компанија, важно е да поминете низ различни позиции и сектори, а новите пазари најмногу ве збогатуваат, заклучува Игор и издвојува една клучна особина на успешен менаџер: да биде личност на која ѝ веруваат и која луѓето со задоволство ја паметат дури и кога повеќе нема да соработуваат со неа.
Неговата порака до помладите колеги е јасна – да си дадат шанса и да не одбиваат предизвици затоа што никој не се родил учен: Не плашете се од предизвиците – попаметни и поотпорни сте отколку што мислите. Нема секој предизвик да биде успешен во смисла дека ќе ги исполните туѓите и сопствените очекувања, но и тоа е лекција. Оттаму ќе научите нешто што ќе ви помогне со секој следен предизвик. Работете на себе, работете на односите со луѓето околу вас, особено во другите сектори – таму се кријат поддршката, но и знаењето што често и не го препознавате. Шансите понекогаш доаѓаат сами по себе, но понекогаш мора сами да ги создавате.
Шансите понекогаш доаѓаат сами по себе, но понекогаш мора сами да ги создавате.
На прашањето дали очекувањата од кариерата му се исполнети, одговара дека во голема мера да, иако постојат некои работи за кои посакува да се случеле поинаку. Најголемиот успех, сепак, не се мери со титули и позиции: Најголемиот успех во мојата кариера се пријателите што ги стекнав, знаењата и вештините што ги развив, и човекот каков што сум денес. Не би бил тој човек без кариерата што ја имав зад себе. На крајот на краиштата, преку мојот професионален пат ја запознав и мојата сопруга, и ако ништо друго не се случеше потоа, тоа ќе беше доволно. Велат дека човек треба да биде мудар два пати во животот, кога ќе ја избере професијата и кога ќе ја избере сопругата. Јас ја исполнив квотата.
На крајот од разговорот го прашавме дали во некој момент помислил дека донел погрешна одлука во кариерата, на што тој одговори: Уф, да имаше една... Ама, не грешел само тој што не работел. На крај, тоа се сведува на ŠBB-KBB (Šta bi bilo kad bi bilo/Што би било кога би било). За нас, родените во Југославија, кои се сеќаваме на Аца Поштар.
На крајот на краиштата, Игор заклучува дека е важно да се работат вистинските работи на вистинскиот начин, а за тоа е сигурен дека во голем процент бил во право.