
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Во 2016 година Митко станува дел од „Џампинг Клеј“, светска франшиза од Кореја со мисија да им помогне на децата во развивање на моториката, креативноста и самодовербата. Како татко, имам непоправлив порив да оставам позитивно влијание врз идните ген
Вистински големите луѓе не се плашат да даваат – тие знаат дека вложувањето во другите не е загуба, туку создавање вредност
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 10 јули 1979 година, Струмица.
Образование: Дипломиран економист на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип; менаџмент на стратешка агилност на бизнис-школата „Шулик“ во Торонто.
Кариера:
- Келнер во „ТГИ фрајдејс“, Чикаго, САД (од 2000 до 2003);
- Бренд-менаџер во „Колид“, Колешино (од 2006 до 2012);
- Менаџер за продажба (менаџер за извоз, менаџер за бизнис-развој) во „Колид С-тим“, Колешино (од 2012 до 2016);
- Сопственик на франшизата и менаџер на „Џампинг Клеј“, Струмица (од 2016 до 2018);
Моментална функција:
- Менаџер за продажба и маркетинг (косопственик) на „Гама дизајн“, Петралинци (од април 2019);
- Сопственик и генерален менаџер на „Еон Еден“, Струмица (од јуни 2016 година).
Хоби: Шах, друштвени игри, понеделници со дружење и опуштање (No Stress Monday).
Брачна состојба: Оженет со Саве, два сина – Константин и Јов.
Според нашиот соговорник Митко Андонов, бизнисот е како игра – секогаш има следно ниво, секогаш има нови можности. Постојат шаблони: Еден од професорите на бизнис-школата „Шулик“ ме нарече „The Pattern Guy“ затоа што така функционира мојот ум. Во сѐ гледам шаблон, шема, решение. Простор за подобрување. Ги согледувам потребите и барам решенија што носат резултати, нагласува тој, раскажувајќи ни ја неговата кариерна приказна.
Жонглирање со повеќе топчиња
Митко отсекогаш го привлекувала ИТ-технологијата. Чувствувал дека компјутерите ќе направат значителна промена во животот на луѓето. Понекогаш размислувал и за право, мислејќи дека така ќе придонесе за правда, но како што вели, потоа пораснал. Не знаев точно што сакам да бидам. Учев општа гимназија, како и многу млади што немаат јасна насока. Денес се трудам со совети, мислења, искуства да им помогнам на тие што се во иста ситуација. Влегувањето во различни сектори ме стимулира да учам, да растам, да се подобрувам. Често слушам коментари дека треба да се насочам на едно поле – можеби така би постигнал исклучителни резултати. Но, мојата приказна покажува дека може и поинаку. Жонглирам со повеќе топчиња и се фокусирам таму каде што во моментот можам да направам најголем импакт. Сè додека ги имам вистинските луѓе покрај себе, знам дека можам и повеќе, вели тој.
Неговото прво работно искуство е во „ТГИ фрајдејс“ во Чикаго. Вели дека имал среќа да почне како келнер затоа што тоа е школа на која се учи психологија, комуникација, продажба, тимска работа. Таму сфатив дека успехот зависи исклучиво од мене. Од мене зависи колку ќе заработам бидејќи цела плата беше само од бакшиш. Ако сакам големи резултати, треба да бидам дел од приказни со поголеми бројки, каде што повеќе вложување носи поголеми бенефити. Администрацијата никогаш не беше мојот пат – сакав динамика, предизвици, создавање.
Најголемиот дел од професионалното искуство Митко го гради во „Колид“. Истакнува дека имал привилегија да биде воден од човек со големи вештини и искуства, но пред сè – со огромно срце. Душко Стојков не беше само мој ментор, туку и втор татко, кој несебично го споделуваше своето знаење. Вистински големите луѓе не се плашат да даваат – тие знаат дека вложувањето во другите не е загуба, туку создавање вредност. Верувам дека и тој е среќен што веруваше во мене, што ме водеше и ми помогна да станам остварена личност. И денес комуницираме, соработуваме, учиме еден од друг и си помагаме.
Сепак, признава дека почетоците биле тешки и полни со предизвици. Иако имал поддршка, често се чувствувал како фрлен во длабока вода, од што научил да плива со ајкули. Тие искуства нè обликуваат и нè прават посилни. Кога во компанијата се вклучија Глорија и Кристијан, ќерката и синот на сопственикот, се трудев да им ја пренесам секоја научена лекција, да ги подготвам за големите предизвици, да им покажам дека вистинскиот лидер мора да ја познава и светлата и темната страна на секоја одлука.
Еден од најголемите предизвици бил по поделбата на компанијата во 2012 година, кога Митко станал директор на „Колид С-тим“. Кога ја презел одговорноста за извоз, се соочил со сериозни правни проблеми – последица на измама од претходни структури. Тоа беше момент на исцрпеност, што ме натера да размислувам за промена. Во тој период ми се роди син и верував дека е време да работам помалку. Но, животот имаше друг план за мене – работев повеќе од кога било.
Во 2016 година Митко станува дел од „Џампинг Клеј“, светска франшиза од Кореја со мисија да им помогне на децата во развивање на моториката, креативноста и самодовербата. Како татко, имам непоправлив порив да оставам позитивно влијание врз идните генерации, затоа овој проект ми беше повеќе од бизнис – беше лична кауза. Тоа, според него, било патување на градење – од идеја до бренд, од визија до реалност. Го следел зацртаниот пат и приказната завршила успешно – со целосен развој и продажба на бизнисот.
Сопствени бизниси
Митко е дел и од семејниот бизнис со мебел и дрво – „Гама дизајн“, компанија која ја основале со брат му Горан во 2003 година, кога се вратил од Америка. Татко ми, Дине, беше меѓу првите во Струмица со искуство од „Треска“, уште во 1989 година, што почна да се занимава со поправка на мебел. Се вклучи и чичко ми, човек со голема визија, кој ја создаде најголемата приказна за мебел во Македонија – „Алмак“. Денес цела фамилија Андонови остварува резултати во различни сегменти од дрвната и мебел-индустријата.
Сепак, со Горан имале поинаква визија – наместо да бидат конкуренција со братучедите, решиле дека е подобро да си помагаат. Така била создадена пиланата, во која се произведувала дрвена граѓа за „Алмак“. Времињата се менуваа, компанијата едвај функционираше.Додека јас собирав искуство и градев кариера, брат ми се бореше со предизвиците. Се вклучував колку можев, сè до 2016 година, кога дојдовме до работ на банкрот. За среќа, немаше кој да нѐ купи. Решивме да одиме „all-in“. Зедовме поголеми кредити, ја сменивме стратегија, го трансформиравме бизнисот и се фокусиравме на производство на палети и боксови. Таргет ни беа големи странски компании.Од 2022 година успеавме да добиеме договор за изработка на дрвени сандаци за батериите на Mercedes за американскиот пазар.
Во меѓувреме, Митко е активен и на други полиња. Тој има ангажман како консултант во онлајн-инкубаторот „Фастер капитал“, кој им помага на стартапите да растат и да се развиваат. Освен тоа, тој е и генерален менаџер на маркетинг-агенцијата „Еон Еден“. Од креирање стратегии за дигитален маркетинг до целосна реализација, низ годините изградив тим кој денес брои 25 луѓе и има две канцеларии во Скопје и во Струмица.На почетокот фокусот беше на македонскиот пазар. Како што растеше нашиот квалитет, а со тоа и стандардот во Македонија, решивме да се фокусираме и на странските пазари. Денес, работиме со средни и големи компании во Македонија и со мали и средни компании во САД, Европа и во Австралија.
Митко е и експерт за дигитална трансформација со сертификат што го стекнал минатата година преку програмата GoDigital, како дел од „Македонија 2025“. Програмата вложува во развој на 15 експерти во земјата за да помогнат во процесот на дигитализација на бизнис-секторот. Обуките ги спроведоа „Вај-фај Виен“ и Федералната стопанска комора на Австрија. Веќе почнавме да работиме со првите компании, а мене ми беше доделена „Фитофарм“. Во иднина повеќе ќе се фокусирам на ова поле и ќе се обидам да им помогнам на што повеќе компании во процесот на дигитализација.
За професионализмот, животот и за успехот
За нашиот соговорник, темпото на работа никогаш не било проблем. Бизнисот ми стана поинтересен од некои други аспекти на животот. Темите што ме фасцинираат се иднината, вештачката интелигенција, глобалната економија, доживотното учење, па понекогаш ми е тешко да се вклопам во друштво во кое се разговара за политика или за џаболебарење, истакнува Митко и додава дека, сепак, семејството е најголемиот успех во неговиот живот. Тие ме прават подобар човек и ме тераат да внимавам каков пример оставам зад себе. Една од причините за градење сопствен бизнис беше подобар живот за семејството. Но, понекогаш, во трката по успех, може да се загубиме. Затоа е важно да имаме некој покрај нас. Сопругата и брат ми се мојата најголема потпора и водилка во животот.
Неговата порака до помладите колеги е секој што има желба да помага во решавањето проблеми и да најде начин некому да му помогне, да стане претприемач. Знам дека ќе биде успешен. За тие што единствена цел им се парите, не сум толку сигурен. Убеден сум дека во трката по пари и моќ, на крај се стекнуваат многу пари, но по која цена?! Целта е да се создава, да се гради нешто поголемо, притоа почитувајќи ги правилата на игра. Со интегритет. Ги советувам младите да вложуваат во себе и да се градат како личности, со квалитети. Да, животот е трка, но трка сам со себе.
На крајот од разговорот Митко истакнува дека неговите најголеми достигнувања се мерат преку луѓето врз кои влијаел, ги мотивирал, инспирирал и им помогнал да се издигнат. Дел од тие луѓе денес се во раководството во „Колид“, „Еон“ и „Гама“, а дел почнале сопствени приказни. Сѐ додека по добро ќе ме споменат, мојата мисија е успешна. А, за клучот на неговиот успех, верува дека е во тоа што не крие ништо, инвестира во луѓе, чита и е преголем оптимист и позитивец: На крај сѐ ќе биде добро. Утре пак сонце ќе грее...