
Имам уште многу да научам и да пренесам на други. Верувам во постојан личен развој и стекнување нови знаења...
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Имам уште многу да научам и да пренесам на други. Верувам во постојан личен развој и стекнување нови знаења...
Горан Шутиновски, oсновач на „Sugori consulting“
Разговараше: Данче Драгинова-Камчева, danche@instore.mk
Во работата треба постојано да се иновира, да се реализираат идеи што ќе помогнат за развој и прогрес. Но, меѓу најважните вештини се комуникацијата со емпатија, развој на луѓето, доверба и почит. Овие принципи не само што го дефинираат професионалниот пат на нашиот соговорник Горан Шутиновски, туку и ја обликуваат неговата целокупна кариера.
Биографски податоци
Датум и место на раѓање: 24 февруари 1982 година, Скопје.
Образование:
- Инженер по компјутерска техника, информатика и автоматика, Електротехнички факултет при УКИМ;
- Harvard Leadership development program; Harvard Business Impact Enterprise.
Кариера:
- Оддел за продажба кон големи корисници во „Космофон“ – Македонија (од 2005 до 2008 година);
- Универзитетски предавач на Чешкиот универзитет за технологии (CVUT) и Институтот за хемиски технологии (VSCHT) – Чешка (од 2010 до 2011 година);
- Регионален менаџер за комерцијални операции, бренд-менаџер, инженер и други функции во „Procter & Gamble“ – Полска, Германија и Чешка (од 2008 до 2018 година);
- Регионален бренд и маркетинг-директор за Gillette, Gillette Venus, King C. Gillette, за Централна Европа во „Procter & Gamble“ (од 2019 до 2024 година);
- Групен директор и раководител на канцеларијата за бренд-менаџмент, маркетинг, односи со јавност и комуникации во „Respect Energy“ – Полска (од 2024 до 2025 година).
Моментална функција:
- Oсновач на „Sugori consulting“ – Полска (од август 2024 година);
- Претседател на Здружението за промоција на македонската култура во Полска (од септември 2023 година).
Хоби: Инвестиции (акции и криптовалути), наука, видеоигри, пливање и возење велосипед.
Семејна состојба: Татко на две ќерки.
Од детските фасцинации до првото професионално искуство
Од малечок, Горан бил фасциниран од две различни насоки, кои го определиле неговиот професионален пат – првата била поврзана со науката, а втората со маркетингот и продажбата. Во семејството во кое израснал, родителите, двајцата високообразовани, често разговарале со него и со неговиот брат за различни теми, што значително го обликувало неговиот поглед на свет. Особено големо влијание имал татко му, угледен универзитетски професор. Тој го поттикна интересот во мене за математика и физика. Често разговаравме на научни теми и уште од малечок решив да бидам инженер, ќе сподели тој.
Паралелно со љубовта кон науката, Горан развил интерес и за маркетингот и продажбата. Тоа било нешто што го привлекувало уште од основното училиште, кога почнал да ги препродава старите играчки што повеќе не му биле забавни: Секое лето на плоштадот во Скопје ги продавав книгите од изминатата година. Двете фасцинации, едната кон науката, а другата кон продажба и маркетинг, останале дел од неговиот живот. По завршувањето на Електротехничкиот факултет, неколку години работел како инженер, а потоа се посветил на маркетинг и развој на бизнис.
Горан никогаш не можел да предвиди колку динамична ќе биде неговата кариера, ниту дека ќе го одведе во различни земји. Како студент, имал среќа да се вклучи во студентската организација БЕСТ (Борд на европски студенти по технологија), што било клучно искуство што му овозможило да посака да работи во странство.
Неговото прво работно искуство почнало во октомври 2005 година, кога станал дел од тимот на комуникацискиот оператор „Космофон“. За повеќе од две години, Горан имал можност да работи во различни сектори, првично како програмер-практикант во ИТ-секторот, а потоа и во одделот за продажба. Во тоа време научил многу важни лекции, како за работната етика, така и за постигнување на целите и таргетите: Научив многу за преговарањето со големи клиенти, подготовката на тендери, анализа на пазарот и конкуренцијата, но и за меѓучовечките односи во една корпорација.
Балансот се постигнува со поставување јасни приоритети и придржување кон нив, детално и навремено планирање и посветеност кон професионалните обврски, но без да се запостават семејството и приватните ангажмани.
Од технички инженер до маркетинг-професионалец
Студентската желба да стекне работно искуство во странство почнала полека да му се остварува. Преку интересен сплет на околности, за Горан се отворила можност да живее во Чешка и да работи во „Procter & Gamble“.
Процесот на регрутирање бил сериозен предизвик, но Горан и група колеги успешно го поминале. Во 2007 година еден Македонец, ценет инженер и менаџер во „Procter & Gamble“, дојде во Македонија да регрутира кадар за позиции во Чешка. По интензивниот процес на регрутација, јас и група колеги се вработивме во оваа компанија, раскажува тој. Тој момент ќе биде клучен во неговото патување затоа што му овозможил да почне работа во една од најголемите и најценети светски компании.
Во 2008 година се преселив во Чешка, во малото гратче Раковник, во близина на Прага, и почнав со работа во производство. Најголем предизвик беше приспособувањето на новата култура, интензивните работни обврски и учењето на чешкиот јазик. Во првите недели се посветив да го совладам јазикот, доволно за да комуницирам ефективно. Во фабриката бев одговорен за две производствени линии на Lenor. Паралелното учење на чешкиот јазик и работата во различни смени, што значеше да го почнувам денот во 4 часот наутро и понекогаш да работам до полноќ, ме научија на посветеност, работна дисциплина, менаџирање на тим и проекти, раскажува Горан.
Сепак, и покрај презафатеноста, тој признава дека не можел да ги избегне моментите на носталгија: Ми недостигаа родителите, најмногу брат ми и пријателите. Ми недостигаше мојот роден град Скопје, македонската храна, вечерните дружби... Ми недостигаше сонцето и нашата прекрасна природа, ќе сподели тој. Денес, најголемиот дел од слободните денови ги користи за да се врати во Македонија, најмалку 3-4 пати во годината.
Во „Procter & Gamble“ Горан почнал како инженер, но потоа изразил желба за развој во бизнис и бренд-маркетинг. Во тоа време беше предизвик за инженер да се префрли во друга професија, особено во маркетинг. Мојата упорност се исплатеше и по успешните интервјуа, ми се укажа можноста да се преселам во Варшава и да работам на култните брендови Oral-B, Tide, Gillette, Gillette Venus, Бlend-a-med, Vizir, Dash и други, истакнува тој.
Во 2024 година Горан преминува во „Respect Energy“. Како маркетинг-директор заедно со тимот работи на развој и промоција на платформа за е-трговија за B2C и B2B корисници на електрична енергија. Неговите одговорности постепено се прошириле – станал раководител на целиот маркетинг-сектор, што вклучувало дигитален и перформанс-маркетинг, бренд-маркетинг и одделот за комуникации со јавност: Бев одговорен за ребрендирање на целата компанија, развој на целата бренд и маркетинг-стратегија, развој и реализација на маркетинг-кампања и план за промоција, го водев одделот за односи со јавност и формирав стратегија за комуникација во кризни ситуации. Во меѓувреме, ја основа „Sugori Consulting“, компанија за консалтинг во областа на маркетинг, продажба, бизнис-стратегии, менторирање и извршен коучинг.
Освен сите тие професионални обврски, во 2023 година Горан, заедно со пријатели што ја споделуваат неговата пасија кон Македонија, го основаат Здружението за промоција на македонската култура во Полска. До денес, тие се заслужни за организацијата на повеќе културни настани, меѓу кои изложба на фотографии од Скопје, проекција на краткометражни македонски филмови, работилница за изработка на мозаици, промоции на книги за Македонија напишани од полски писатели и други настани за промоција на македонската култура и историја.
На прашањето како ги балансира овие две улоги, тој одговара: Сметам дека балансот се постигнува со поставување јасни приоритети и придржување кон нив, детално и навремено планирање и посветеност кон професионалните обврски, но без да се запостават семејството и приватните ангажмани.

За професионализмот, животот и за успехот
Горан смета дека успешниот професионалец треба да поседува неколку клучни особини. Според него, најважни се посветеноста во работата, јасно дефинираните приоритети, високата толеранција за стрес, флексибилноста и приспособувањето на промените, како и визијата за развој. Покрај тоа, во работата треба да се иновира и да се реализираат идеи што ќе придонесат за напредок на бизнисот. Горан истакнува дека меѓу најважните вештини за еден лидер се комуникацијата со емпатија, развојот на луѓето, довербата и почитта. Верувам дека ги имам овие вештини, но за тоа најдобро би кажале колегите, вели тој.
На прашањето дали ги остварил сите цели во кариерата, Горан одговара: Сѐ уште не. Имам уште многу да научам и да пренесам на други. Верувам во постојан личен развој и стекнување нови знаења, ќе продолжам да работам со посветеност.
Смета дека најголем успех е да остави печат во развојот на бизнисот и позитивен одраз кај луѓето. Верувам дека тоа го постигнав во компаниите во кои работев, вели тој. Според него, постојат клучни елементи на успехот: одличен тим, јасна визија, поедноставување на обврските, градење култура на доверба и почит и постојан развој на себе.
На крајот од разговорот Горан додава дека постоеле моменти кога помислил дека можеби донел погрешни одлуки, но додава дека од секоја одлука научил нешто ново што му помага во иднина. Разговорот го завршува со цитат од Теодор Рузвелт: Човекот кој никогаш не греши е оној што никогаш ништо не прави.