
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Бранка Славеска, претседателка на Управата, „Хајнекен Хрватска"
Со секое ново искуство, Славеска ги поместува сопствените граници. За неа е важно да се биде лидер и квалитетно да се водат и мотивираат вработените. Можам да кажам дека го живеам животот што го избрав и ја работам работата што ја обожавам.

| Биографски податоци: |
| Датум и место на раѓање: 1 август 1975 г., Скопје • Брачна (семејна) состојба: мажена, мајка на едно дете • Образование: дипломиран инженер на Машинскиот факултет. Образовани- ето го продолжува на програмата МБА, на Универзитетот во Шефилд. Исто така, ја има завршено програмата за менаџмент на ИНСЕАД. • Моментална функција: претседател на Управата на „Хајнекен" • Кариера: работела на повеќе позиции во продажба, „Пивара Скопје", 1999 – 2005. Комерцијален директор, винарница „Тиквеш", 2005 – 2006. Раководител за развој на канали, „Хајнекен", за Средна и Источна Европа, се- диште во Виена, 2006 – 2009. Директор за продажба и дистрибуција, „Хајнекен" - Белорусија, 2009 – 2012. Директор за имплементација на продажните активности, „Хајнекен" – Русија, 2012 – 2013. • Хоби: Своето слободно време најмногу го поминувам со своето семејство. Со- пругот, синот и јас сакаме спорт, особено фудбал и рагби, па со задоволство одиме на натпревари. Уживаме и на концерти и на патувања. Исто така, многу сакам цвеќе, па можам да кажам дека и грижата за градината е едно од моите хобија. |
Младата и успешна Бранка Славеска со својот темперамент и со својата енергија е олицетворение на главното мото на компанијата – храбрите победуваат. По завршувањето на образованието на Машинскиот факултет, во 1999 година се вработува во „Пивара Скопје", а подоцна и во винарницата „Тиквеш". Го продолжува образованието во областа управување и продажни вештини и ја завршува програмата МБА на Универзитетот во Шефилд. Потоа се вработува во компанијата „Хајнекен". Мојата кариера се развива од продажен претставник до раководител за развој на канали за пазарите во Средна и Источна Европа со седиште во Виена. По Виена, заминав во Белорусија во пиварницата на „Хајнекен", каде што работев како директорка за продажба и дистрибуција. Пред доаѓањето во Хрватска бев на позиција директорка за имплементација на продажните активности во Русија. Сега пред мене е нов предизвик во кариерата: од крајот на 2013 година се наоѓам на врвот на компанијата „Хајнекен" – Хрватска.
Во својата досегашна кариера почнала од најниската позиција и според неа, тоа е одлично нешто, бидејќи научила како работата функционира на сите нивоа. Како драгоцено искуство го наведува и работењето на различни пазари, а значајни нешта за успех во кариерата, според неа, се: знаењето, високото образование, предаденост на работата и приспособливоста. Но, како што вели таа, како за сè друго, треба да се има и среќа. Имав среќа да работам со добри лидери, кои имаа храброст да им дадат шанса на новите луѓе, нагласува Славеска.
За неа, пресудно за прифаќање на ова работно место бил фактот дека Хрватска има пиварска индустрија која е динамична и возбудлива со голем потенцијал, што секако претставува голем предизвик. Според Славеска, компанијата „Хајнекен" – Хрватска, освен што е геостратешки добро лоцирана, има силен бренд кој доаѓа од срцето на земјата и има традиција долга 160 години. Луѓето тоа го ценат и го наградуваат со верност. Karlovačko и неговите екстензии се врвни производи, произведени од природни состојки, без ГМО, без додадени бои, адитиви и конзерванси.
На позицијата на која се наоѓа, важно е да се има поширока слика и успешно да се промовираат вредностите и мисијата на компанијата. Секогаш фокусирана на тоа што е најдобро за компанијата во која работи и за нејзините вработени, со позитивното размислување и самодоверба, успешно придонесува за добри резултати. Добив можност да ги искористам своите креативни способности и да ја пренесам глобалната во локална стратегија. Многу е важна и храброста, оттаму е и мотото на „Хајнекен" –Хрватска, па и моето: „Само храбрите победуваат". Затоа од вработените барам да бидат посветени на работата, брзо да реагираат, да бидат ефикасни и храбри.
Напредувањето и работата во странство за Славеска се возбудливи и интересни, бидејќи таа е приспособлива и подготвена за промена. Сепак, не е лесно, особено кога е дете во прашање. Мојот син има четири години, патува со мене: помина 11 држави и зборува три јазици – со мама и тато италијански, со баба и дедо од Скопје на македонски, а во градинка на англиски. Поради работата и многуте патувања, не сум со семејството онолку колку што сакам, но имам голема поддршка од нив. Можам да кажам дека го живеам животот што го избрав и ја работам работата што ја обожавам.
И покрај сè, Славеска е среќна што е на врвот на една успешна компанија која е фокусирана на иновации и е задоволна од досегашната работа. Минатата година претставивме четири производи: Amstel Premium Pilsener, Karlovačko 0,0% Maxx – безалкохолно пиво, Karlovačko Laganini Natur и Karlovačko Royal 1854 – пиво што го обележа 160-годишното работење. Јачменот за Karlovačko се набавува од локални извори, со што го почнавме проектот „100% хрватски јачмен", а продолжуваме и со производство, набавка и откуп на хрватскиот лимон за производство на радлерот Karlovačko Limun Natur. Од компанијата го претставија новиот визуелен идентитет на Karlovačko, лансирани се новите производи: Karlovačko Primavera, Karlovačko 0,0% Natur Radler, Karlovačko Leđero Natur Radler, а на хрватскиот пазар е најавено лансирањето и на сајдерот Strongbow.
| На своите колеги што имаат можност да работат надвор од државата, Славеска им порачува добро да размислат за сите аспекти на таа одлука. Треба да имате отворена комуникација со семејството и важно е да се биде свесен дека заминувањето на позиција во странство во меѓународна компанија е пат од кој „нема враќање". Поради тоа треба да се имаат реални очекувања. |
Тоа што е драгоцено и ја врзува за Македонија е почитувањето на различностите, бидејќи од нашата мултинационална и мултикултурна држава во животот го има научено тоа. Воедно, научила дека нема граници и дека со труд сè може да се постигне. Поради економските и политичките случувања, државата постојано се приспособуваше и го наоѓаше својот пат, што станало дел од нејзиниот управувачки стил. Иако засега не планира да се врати во Македонија, Славеска нагласува дека е горда на својата држава и на фактот дека се развила во личност што може да се снајде во речиси секоја ситуација.
Сето досегашно искуство ќе влијае позитивно врз нејзината идна кариера, бидејќи со секое ново искуство ги поместуваме сопствените граници. Да се биде на вака одговорна позиција е драгоцено искуство, бидејќи сега знам како функционира работата на сите нивоа и колку е важно да се биде лидер и квалитетно да се водат и мотивираат вработените. Тоа се некои од универзалните вредности што ќе ги негувам до крајот на својата деловна кариера.
Славеска истакна дека отсекогаш сакала да работи нешто „важно", да придонесе во нешто. Бидејќи во нејзиното окружување имало неколку инженеритаа професија ја привлекла. По дипломирањето, се прашав дали навистина си ја сакам својата струка или сум подготвена да се обидам со нешто ново. Тоа беа деведесеттите години, кога во Македонија невработеноста кај младите до 29 години беше поголема од 40%. Ме привлекуваа предизвиците, патувањата и динамичниот живот, како и можностите за постојано учење и усовршување, а во Македонија тоа го нудеа само меѓународните компании.
Таа е изграден професионалец што карактерно се нема сменето, бидејќи според неа, важно е да се изгради идентитет и да се остане свој. Себеси се опишува како перфекционист во смисла на тоа дека секогаш сака да го направи најдоброто, но не по цена на времето, бидејќи брзи и привремени резултати не ја интересираат. За мене е важно да го развивам својот тим, да му се даде доверба и да се охрабри при извршувањето на своите задачи. На тој начин, се зајакнуваат компетенциите на секој поединец и се придонесува за успех на целиот тим.
| Спаѓам во оние што настојуваат да ги усогласат семејството и кариерата. Факт е дека моето семејство стои зад мене и нивната целосна поддршка е извор на мојата енергија и причина поради која успевам во работата. Тоа е моето најголемо постигнување. |