
Во Македонија ветувањата секогаш пристигнуваат први. Инвестициите, пак, ако дојдат, најчесто доцнат.
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Во Македонија ветувањата секогаш пристигнуваат први. Инвестициите, пак, ако дојдат, најчесто доцнат. Последната најавена офанзива на Владата, предводена од премиерот Христијан Мицкоски и вицепремиерот Александар Николоски, е токму во тој дух. Бројките звучат одлично: над 5-6 милијарди евра инвестиции во инфраструктура, здравство, телекомуникации и приватен сектор.
Пишува: Горан Теменугов
Но, реалноста е посложена. Ако нешто научивме низ годините, тоа е дека кај нас секој „проект од национален интерес“ поминува низ неколку фази: најава, повторна најава, ребрендирана најава, тивко одложување и − ако има среќа − почеток. А понекогаш, тука и завршува приказната.
Почнеме ли од инфраструктурата − проектите како Коридорите 8 и 10 не се само патишта. Тие се симбол на геополитичка вмреженост и економска нужност. Но, Бугарија не гради, Албанија не гради, само Македонија „турка“. На хартија е убаво, но што ако пругата заврши во ќор-сокак? Николовски зборува за планови, за бројки, за 120 до 180 милиони евра годишно приход од транспорт. Добро звучи. Но, за да стигнеме таму, треба да ја изградиме целата траса. А тоа бара кредити. Огромни кредити. Кои, нели, треба да се враќаат.
Е токму тука почнуваат реалните проблеми. Јавниот долг ќе порасне. Владата смета дека со пораст на БДП долгот ќе изгледа помал. На хартија, повторно, убаво. Но граѓаните не ги плаќаат долговите со проценти од БДП. Тие плаќаат преку зголемени даноци, намалени услуги и поскапо живеење.
Да преминеме на здравството − болниците во Штип, Кичево, реконструкцијата на „8 Септември“. Дали некој се противи на тоа? Секако дека не. Македонија заслужува пристојно здравство. Но, прашањето е друго: дали изградбата значи автоматски и подобра услуга? Ако ги оставиме старите проблеми − недостиг на кадар, ниски плати, хаос во менаџментот − тогаш и најсветкавите објекти ќе останат само фасади.
Приватниот сектор? Планови за нови канцеларии, хотели, апартмани. Добро. Скопје се развива, бизнисите бараат простор. Но, ќе ги има ли тие инвеститори? Николовски уверува − ќе има лицитација, ќе има интерес. Но, во свет каде што капиталот бега каде што е најсигурно, Македонија ќе мора да понуди повеќе од само ниски цени на земјиште.
Најинтересниот дел е третиот оператор. Пазарот во телекомуникациите одамна е со дуопол. 4iG е спремен, вели Владата. Конкуренцијата ќе се раздвижи. Но, од искуство знаеме − да влезеш на пазар е лесно на хартија, а многу тешко во реалноста кога двајца големи играчи веќе ја имаат поделено „питата“.
Сето ова не значи дека не треба да се инвестира. Напротив. Македонија мора да инвестира ако сака да биде конкурентна. Но, вистинското прашање е „како“. Како да се осигури дека овие милијарди нема да се претворат во уште една генерација долгови? Како да се спроведат проектите навреме и квалитетно? Како да се обезбеди дека болниците ќе нудат услуга, а не само нови прозорци? И како да се вметне транспарентност во секој чекор од овој процес?
Но, да не ги заборавиме и преостанатите два предизвика освен зголемениот јавен долг.
Предизвик за инвестициите е и административниот капацитет. Историјата нè учи дека дури и помали проекти се соочуваат со застои, бирократски лавиринти и правни пречки. Брзата реализација на железнички линии или болнички комплекси не зависи само од волјата на Владата, туку и од функционалноста на институциите.
Третиот проблем е политичката стабилност. Инвестициите бараат континуитет и сигурност. А токму тука Македонија е најчесто најслаба. Политичките кризи создаваат неизвесност што може да ги одврати странските инвеститори.
Сепак, Македонија има шанса. Но, шансите се како проектите на хартија − не вредат ништо додека не се претворат во реалност.
Ставовите искажани текстот се лични ставови на авторот и не се автоматски и ставови на редакцијата на InStore.
Фото: Pexels