InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Во исто време бројките покажуваат дека во само шест месеци долговите на општините пораснале на 68,4 милиони евра, или за речиси 8%, а на општинските јавни претпријатија долговите им се 130 милиони евра или во периодот од март до септември за околу 17
Министерството за локална самоуправа го пушти во употреба Ресурсниот центар, кој е нов инструмент со кој Владата сака да го „поправи“ хронично лошото раководење со општините. Во исто време бројките покажуваат дека во само шест месеци долговите на општините пораснале на 68,4 милиони евра, или за речиси 8%, а на општинските јавни претпријатија долговите им се 130 милиони евра или во периодот од март до септември за околу 17% повеќе.
Затоа, прашањето е: дали овој центар ќе биде вистинска алатка за реформи или уште еден проект што политички добро звучи, а слабо ќе се спроведе од страна на општините?
Пишува: Горан Теменугов
Се нудат бази на податоци, но „камшикот“ доаѓа во 2028
Од Министерството за локална самоуправа им порачаа на градоначалниците дека од 2026 година нивните општини бесплатно ќе добијат ажурирани бази на даночни обврзници од Катастарот, за да можат подобро да ги наплатуваат сопствените даноци. Но, ако од 2028 година и со такви бази општините не ги собираат изворните приходи, ќе се соочат со ограничувања и нема да добијат блок-дотации и помош од централниот буџет.
Ова звучи логично. Државата им дава „алатка“, а потоа ги казнува ако не ја користат. Но, ако нешто научивме, тоа е дека проблемот со општините не е само во бројките, туку во навиките, политичката култура и во начинот на кој се разбира децентрализацијата.
Децентрализација на хартија, зависност во практика
Реалноста вели дека имаме децентрализација на хартија, но и вертикален и хоризонтален дисбаланс во реалноста. Огромен дел од општините зависат, најчесто 60 до 70%, а некои и над тоа, од трансфери од централниот буџет. Има општини кои фактички живеат од „милост“ на Владата, а не од сопствени приходи.
Дополнително, дел од општините практично се во хронична финансиска нестабилност, со блокирани сметки, со наследени судски спорови и со јавни претпријатија што генерираат загуби, а се заштитени со закон од ефикасна наплата на долговите. Преведено на јазик на граѓанин: фирма испорачала услуга, ставила асфалт или го подигнала отпадот, но парите не ги гледа со години, затоа што системот го штити должникот, а не оној што чесно работел.
Кога на тоа ќе додадете политички притисоци пред избори – немој сега да тераме присилна наплата, да не се налутат гласачите – добивате совршен рецепт за „дупки“ во услугите, но и во општинските буџети.
Проблем со „општинската амнезија“
Да се потсетиме дека во последните години државата неколку пати ги спасуваше општините со репрограми и отпишување на долговите. Околу 50 милиони евра веќе беа префрлени за да се „ресетираат“ општинските долгови, но денес повторно сме на ниво од над 60, речиси 70 милиони евра долг кај општините и уште поголем кај јавните претпријатија.
Тоа е класичен морален хазард бидејќи ако знаеш дека централната власт ќе ти ги плати сметките, нема потреба од силен мотив да се менуваат навики.
Што може реално да направи Ресурсниот центар?
Идејниот творец на Центарот, професорот Борче Треновски, го замислува како место каде што општините ќе добијат стручна помош – од буџетирање, преку внатрешна ревизија, до јавни набавки, урбанизам и капитални инвестиции. Тоа е клучно затоа што многу општини едноставно немаат кадар: немаат ревизори, ИТ-стручњаци, инженери, а понекогаш ниту минимум стратегиски документи за да аплицираат за средства.
Плус, идејата Центарот да ги координира и странските донации и проекти. Денес имаме парадокс: дел од најнеразвиените општини не добиваат пари за круцијални капитални проекти или добиваат симболично, додека поразвиените успеваат да земат пари за нови патеки, плоштади и фасади и тоа затоа што имаат подобра администрација, подобро политичко лобирање или тежина.
Затоа, Ресурсниот центар, ако функционира како што е замислен, може да го ублажи овој јаз – да им помогне на малите, рурални општини да подготват квалитетни проекти и да не зависат само од политички блиски министри.
Зошто, сепак, не е доволен?
Сепак, треба нешто да биде јасно. Ресурсниот центар без промена на матрицата на однесување е само нова фасада врз стар проблем. Не е доволно да им дадете на општините подобри бази на податоци, ако тие продолжат да планираат приходи што никогаш нема да ги соберат, а расходи што ги трошат веднаш.
Со други зборови, не може само со техничка помош да се реши политичка и институционална култура базирана на „ќе се снајдеме“.
Што значи ова за граѓаните?
За нас, како граѓани и даночни обврзници, Ресурсниот центар сам по себе нема да донесе нов асфалт пред зграда или пониски сметки. Но, може да биде првиот чекор кон тоа општините да престанат да бидат „црни дупки“ во кои исчезнуваат наши пари без резултат.
Ставовите искажани текстот се лични ставови на авторот и не се автоматски и ставови на редакцијата на InStore.