
InStore.mk e онлајн поддршка на магазинот InStore, месечен магазин за трговија со стока за широка потрошувачка.
Магазинот во С.Македонија се издава од 2011 година, првично како самостоен проект на Кликер Маркетинг, под називот Target, а подоцна како дел од регионалното издание InStore, со канцеларии во Белград, Љубљана, Загреб, Сараево и Скопје.
InStore е единствениот B2B трејд магазин во С.Македонија и се дистрибуира до целната група: трговци, произведувачи, дистрибутери и придружната индустрија. Магазинот го нема во слободна продажба. Секој заинтересиран може да се претплати на истиот.
Доколку работите во FMCG-секторот и сакате да го добивате InStore на вашата поштенска адреса, пополнете го формуларот и ќе ве контактираме. Полињата се задолжителни. Податоците се за интерна база и нема да бидат употребени за други цели.
Издавањето на десеттата еврообврзница помина речиси тивко, без сериозна јавна дебата, иако станува збор за една милијарда евра задолжување. Во момент кога јавноста е фокусирана на дневнополитички теми, суштинските прашања за јавните финансии
**Пишува: Горан Теменугов, новинар**
Издавањето на десеттата еврообврзница помина речиси тивко, без сериозна јавна дебата, иако станува збор за една милијарда евра задолжување. Во момент кога јавноста е фокусирана на дневнополитички теми, суштинските прашања за јавните финансии повторно останаа на маргините.
Формално гледано, конструкцијата е јасна. Околу 700 милиони евра од новото задолжување одат за раздолжување – враќање на еврообврзницата од 2020 година што достасува во јуни, но која се плати побрзо за малку да се заштеди. Останатите приближно 300 милиони евра ќе се користат за буџетско финансирање, односно за покривање на дефицитот. Ова не е нов модел. Македонија со години функционира на принципот нов долг за стар долг плус тековна ликвидност.
Она што е ново и вредно за анализа е начинот на кој е структурирана оваа еврообврзница. Првпат задолжувањето е поделено на две транши: 500 милиони евра со рок на враќање од четири години и 500 милиони евра со рок на враќање од осум години. Купонските каматни стапки се 3,875% и 4,75% и се поволни ако се има предвид нивото на Еурибор и фактот дека земјата сѐ уште нема инвестициски кредитен рејтинг, односно никако да стигнеме до фамозните три Б (БББ) рејтинг.
Но, финансиската оцена не смее да се сведува само на каматата. Клучното прашање е контекстот во кој се реализира новото задолжување. Јавниот долг на државата се движи меѓу 58 и 62 проценти од БДП, зависно од периодот на пресметка. Тој често и веројатно ќе биде под формалната граница од 60%, но веќе е над економски одржливото ниво.
Економските анализи спроведени од академик Абдулменаф Беџети, кој е и претседател на Фискалниот совет, јасно покажуваат дека за мала и отворена економија како македонската, оптималната зона на јавен долг е од 52 до 54% од БДП. Над тоа ниво, задолжувањето не генерира пораст, туку го кочи. Причините се двојни: ограничен капацитет за ефикасно управување со јавните расходи и растечката цена на финансирањето, односно каматите кои растат побрзо од економијата.
Еврообврзницата сама по себе не е проблем. Таа е симптом на модел во кој долгот расте побрзо од економијата, а консолидацијата досега повеќе беше декларативна отколку реална.
Токму тука се судираат формалната и реалната слика. Во следните пет години државата треба да сервисира обврски кои, заедно со каматите, достигнуваат меѓу 8 и 9 милијарди евра. Во одделни години, годишните каматни плаќања се приближуваат до половина милијарда евра. За економија која е силно зависна од европскиот пораст и од извозно ориентираните индустрии, ова претставува сериозен фискален ризик.
Затоа, поделбата на еврообврзницата на две рочности има позитивна страна. Достасувањата не се концентрирани во една година, ниту во еден политички мандат. Финансиски гледано, тоа значи подобро управување со ризикот и порамномерна распределба на товарот низ времето. Политички гледано, тоа значи дека долгот нема да биде целосно префрлен на една идна влада, туку на влади во следните два мандати, без разлика кој ќе биде на власт.
Но, ниту обидот за подобрување на структурата на долг не може да ја замени суштината: тоа е дека е потребна фискална консолидација и реален економски пораст. Без пораст од најмалку 3,5% годишно, сервисирањето на ваков обем обврски станува сѐ потешко. А тој не се создава со задолжување, туку со промена на структурата на буџетот.
Денес, доминантен дел од буџетските расходи се тековни, а социјалните трансфери заземаат огромен простор. Капиталните инвестиции не само што слабо се реализираат, туку често немаат ни вистински економски ефект. Не секој расход што формално се води како капитален создава нова вредност или повисок потенцијален пораст.
Затоа вистинската дилема не е дали каматата е ниска или висока, туку дали државата има капацитет да го задржи јавниот долг во економски одржлива зона. Еврообврзницата сама по себе не е проблем. Таа е симптом на модел во кој долгот расте побрзо од економијата, а консолидацијата досега повеќе беше декларативна отколку реална.
Ако овој модел продолжи без суштински реформи, секоја следна еврообврзница ќе биде потешка и поскапа. Просторот за избор ќе се стеснува, а економијата, за разлика од политиката, секогаш ја наплатува сметката.
Доаѓаат тешки економски години за сите нас.